Три години чекаат три неисплатени плати, наместо правда добиле судски трошоци од 20.000 евра

by Fokus

Кавадаречка тестилна компанија три години одбива да им исплати три заработени плати на околу 70 текстилни работнички. Тие ја тужеле компанијата, нo судот пресудил во корист на бизнисмените. Текстилните работнички сега треба да платат 20.000 евра за судски трошоци.

Обесправените работнички протестираа денеска пред Основниот суд, Кавадарци. Тие велат дека текстилната фирма „СО-НИ“ Дооел Кавадарци им должи три плати, придонеси од плати и други парични побарувања од работен однос. Правдата ја барале на суд, но судот го одбил нивното тужбено побарувања, бидејќи, како што наведува судот, побарувањата на текстилните работнички не биле докажани.

-Работничките сега треба да платат штета затоа што не земале плати. Очигледно правниот систем не ги заштитува– велат од „Гласен текстилец“.

Од таму додаваат дека компанијата „СО-НИ“ функционира во ново руво, односно во село Бистрица е отворена нова текстилна компанија со истите управители. Ги повикаа да реагираат УЈП, МВР и Финансова полиција.

Поранешната сметководителка на СО-НИ, Зорка Мантева, вели дека добро ја знаела состојбата на затворената фирма и дали работничките биле исплаќани или не.

-Во фирмата имаше недомаќинско работење, презадолжување во банките и инвестиции во друга фирма. Обврските на фирмата за кредити и камати се исплаќаа со платите на вработените текстилни работнички. Стално немаше за плати. Работничките беа без здравствено осигурување. Сега судот носи пресуда на наша штета, а во корист на газдите. Па уште и трошоци од 20.000 евра – рече таа.

Поврзани новости