Текстот е објавен на 13 јули 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.449.
Лани, на македонски граѓани им биле издадени 10.053 дозволи за работа и престој во Хрватска, а годинава, само до мај, дозвола добиле околу 5.000 граѓани. Најголемиот број од тие што заминаа во Хрватска се студенти, млади луѓе во потрага по подобар живот и финансиска независност. Воедно, како што раскажуваат тие за „Фокус“, сакале да ја искористат и можноста да поминат неколку месеци во европска земја, подалеку од вестите за корупција и немаштија. Ова излевање на млада работна сила се чувствува насекаде, а најмногу во угостителството. Огласите во кои се бараат келнери, шанкери и готвачи станаа честа слика.
Пишувала: Вики КЛИНЧАРОВА
Автобуси полни со млади луѓе секојдневно од Скопје заминуваат кон познатите хрватски туристички дестинации. Сезонската работа во туристичките ресорти се покажа како мошне примамлива за Македонците, со оглед на работните услови што ги нудат хрватските работодавци.
Минатата година, на граѓани од Македонија им биле издадени 10.053 дозволи за работа и престој во Хрватска. Годинава, само до месец мај, околу 5.000 македонски граѓани добиле дозвола за престој и работа. Бројките секојдневно растат, а интересот, во споредба со истиот период лани, бил речиси двојно поголем.
Најголемиот број од тие што ги спакуваа куферите и заминаа во Хрватска се студенти, млади луѓе во потрага по повисоки примања и подобар живот.
Но, пред сѐ, како што раскажуваат за „Фокус“, во потрага по финансиска независност и со цел да ја искористат можноста да поминат неколку месеци во европска земја, подалеку од нашето секојдневие, од вестите за корупција и немаштија.
НЕДОСТИГ ОД РАБОТНА СИЛА
Само од Тиквешијата, на пример, бројот на млади, но и повозрасни граѓани во своите четириесетти години, кои решиле периодов да го поминат како сезонски работници, изнесува над 1.000 лица.
Само од јануари до март, според податоци од Основниот суд од Кавадарци, биле издадени околу 500 уверенија, со цел да се стекнат со право за работна дозвола во друга земја. Барањата за издавање уверенија продолжуваат да растат секојдневно, и слична е ситуацијата и во Неготино.
Ова излевање на млада работна сила се чувствува насекаде, а најмногу во угостителството. Огласите во кои се бараат келнери, шанкери, готвачи и помошници во кујна, не само во Тиквешијата, туку и генерално во целата земја, станаа честа слика.
– Бев во ресторан во Скопје, доаѓа еден од вработените и ми се извинува што мораме да почекаме за да бидеме услужени, бидејќи, како што кажува, останал со намален број на персонал. Му заминале тројца келнери во Хрватска. Апсолутно те разбирам, му реков, во иста ситуација сум, и јас се борам да најдам и да ги задржам вработените – раскажува сопственик на познат угостителски локал во Неготино.
Тој потенцира дека проблемот е голем и не смее да се занемарува, затоа што целата земја е засегната од недостиг од работна сила во одредени сектори, токму поради примамливите работни понуди што доаѓаат од Хрватска.
– Од една страна, останавме без доволно работна сила и принудени сме да вработуваме лица без никакво искуство, колку да се каже дека имаме персонал и да продолжиме со работа. Од друга страна, пак, сосема ги разбирам младите што ја зграбија оваа шанса и си заминаа.
Јас, колку и да сакам, не можам да им понудам плата поголема од 400 евра на келнерите што работат кај мене, и тоа е реалноста, нормално е дека ќе заминат таму каде што им се нудат трипати поголеми примања. Ако ова лето имаме проблеми поради недостиг од работници, како ли ќе биде следното?
Младите што си заминаа, ги споделуваат искуствата, се шират приказните за тамошните услови за работа и сѐ повеќе народ се решава да си ја проба среќата во друга земја. За едно место како Неготино на пример, или која било друга општина со околу десет или петнаесет илјади жители, голем удар е да заминат над 500 луѓе – вели угостителот.
СЕЗОНСКА РАБОТА ИЛИ ТРАЕН ПРЕСТОЈ
Но, проблемот не лежи само во сезонската работа, која најчесто почнува во мај и трае сѐ до почетокот на октомври.
Голем број од младите што сега заминале во Хрватска, одлучни се дека и следната сезона нема да ја поминат во Македонија, туку целта им се други европски земји, како на пример Германија, а многумина дури и се подготвуваат да заминат во Америка. Не само со намера да поработат неколку месеци, туку ако им се пружи шанса, и да останат засекогаш.
„Фокус“ разговараше со десетина наши граѓани, кои периодов се во Хрватска и работат како келнери, собарки, продавачки во маркети и слаткарници, па дури и млади луѓе што работат како диџеи во барови покрај морето.
Некои од нив годинава заминале за првпат, а некои биле и минатата година. Откриваат дека работата не е лесна, но мотивацијата им е голема.
Платите се движат од 1.000 до 1.400 евра за полесна работа, како продавачи, келнери, собарки, па сѐ до над 2.000 евра за работа во кујна. За секој работник е обезбедено сместување и оброци.
И, како што велат, не се само парите во прашање, туку и можноста што кај нас на младите најчесто им е ускратена, а тоа е да бидат самостојни, да не зависат од родителите, бидејќи со македонските примања тешко кој млад човек би можел да почне самостоен живот и да замине од родителскиот дом во своите дваесетти години, нешто што е сосема разбирливо во развиениот свет.
– Работиме во познат ресорт во Ровињ, каде што туристите што доаѓаат се претежно од Германија. Нѐ има околу 200 вработени, сместени сме во бунгалови. Станува збор за туристички комплекс, кој има хотели, апартмани и бунгалови, не само во Ровињ, туку и во Пореч и Дубровник, па затоа се потребни и голем број работници.
Нѐ има од цела поранешна Југославија, од Србија, Босна, претежно млади луѓе, студенти, но работат и возрасни жени, кои, поради лошата финансиска ситуација, морале да си ги остават семејствата и да заработат во текот на летото. Се работи шест дена неделно, не е лесно, но со текот на времето се навикнуваш.
Таа самостојност, тоа што ти се цени и плаќа трудот, едноставно ти дава мотивација. Во Македонија плата од 1.200 евра, со обезбедено сместување и храна, за жал сѐ уште е научна фантастика за младите. Да не ја спомнуваме партизираноста што владее кај нас, таа поделеност, тоа оптоварување со партии и со политика.
Млади сме, сакаме да уживаме во животот, студираме и утре сакаме да се вработиме во својата струка според работниот квалитет што го поседуваме, а не според партиска книшка.
Уморни сме од приказни за корупција, за нефункционалност, од тапкање во место и празни ветувања за утре, за европскиот сон и европските фондови, кои наводно ќе нѐ издигнат и ќе направат држава во каква што би сакале да живееме. Сето тоа, во голема мера, придонесе многу од нас да заминат на работа во Хрватска.
Нашите родители поминале повеќе од две децении со ветувања за влез во Европа, не би сакале да го минеме истото. Ако Европа не доаѓа кај нас, тогаш ние ќе заминеме во Европа. Годинава во Хрватска, следната година можеби и во друга земја, и сѐ повеќе размислуваме за постојан живот надвор од Македонија – раскажуваат студентите со кои разговаравме.
„ТЕШКО МИ ПАЃА, НО МОРА ВАКА“
Меѓу сезонските работници има и жени во своите педесетти години, кои работата во Хрватска ја виделе како единствен спас од лошата финансиска состојба во која се нашле.
Нашата соговорничка, која работи како собарка во Пореч, вели дека дома работела во приватна фирма како сметководителка, но со платата што ја добивала, тешко дека се излегувало на крај.
– Првпат сум во Хрватска, дојдов на почетокот на мај. Планирам да останам до октомври и овде сум со цел да заработам доволно, за да можам потоа да отворам сопствена фирма, книговодствено биро.
Имам деца и сопруг, мора да се мисли на иднината. Работата, колку и да не е лесна, кога имаш некоја цел, ќе издржиш. Телефонски се слушам со семејството секој ден, но не им се јавувам на видеоповик, тешко ми паѓа таа разделеност, и веднаш штом ги видам на камера, почнувам да плачам.
Жално е што мора вака да се жртвуваме за да имаме нормален живот, што во нашата земја ни се скратени многу можности, па да мора да доаѓаме во туѓа земја. Но, има многу жени овде што си ги оставиле семејствата и дошле да заработат, сите сме во слична ситуација, се тешиме меѓусебно – вели нашата соговорничка.
Додека повозрасните што си ги оставиле децата во Македонија гледаат што побргу да им помине времето во Хрватска и да се вратат кај семејствата, младите раскажуваат дека се трудат максимално да го искористат секој момент поминат таму.
По работа им останувало време и за плажа, за прошетки низ град, за дружба. Велат дека Хрватска им е незаборавно искуство, но и прозорец кон светот, за тоа каков би требало да им биде животот во иднина, за укажаната можност да се живее достоинствено од сопствениот труд.
ПРАВИЛНИК ЗА ОДНОС КОН МИЛЕНИЦИ
И по односот кон животните се гледа колку е пред нас Хрватска, велат нашите соговорници.
– Кога стигнавме во ресортот каде што работиме, во договорот за работа што го потпишавме, како и во правилникот за однесување додека престојуваме таму, вниманието ни го привлече делот посветен на животните – раскажуваат нашите студенти.
Имено, цела страница од договорот била посветена на милениците што живееле во ресортот, а кон кои сите биле обврзани да се однесуваат грижливо.
– Освен правилникот за однесување кон мачињата и кучињата што живеат во ресортот (да не им даваме остатоци од храна и да не ги вознемируваме, затоа што тоа е нивниот дом), забележливо е и тоа што речиси сите туристи што доаѓаат од Германија и од други европски земји, со себе носат миленик.
Доаѓаат опремени со креветче за миленикот, со садови за храна и вода, си носат ќеси за собирање отпад од миленикот, веднаш се гледа тоа грижливо и одговорно сопствеништво, и без да се каже, се знае каков е редот.
Според односот кон животните, многу лесно може да се процени колку е една земја напредна, но и колку е развиена свеста на еден народ – велат нашите студенти.