Текстот е објавен на 23 ноември 2023 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.468.
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, кои како опозиција жестоко ја критикуваа тогашната влада на СДСМ и ДУИ во однос на пристапот кон секторот на игри на среќа и ја обвинуваа дека воспоставила контрола врз овој профитабилен бизнис, сега најавуваат ново поригорозно законско решение, откако последниот обид за нова законска регулатива пропадна поради претседателското вето, по што не се обезбедија доволно гласови. Во врска со оваа тема, „Фокус“ прво пишуваше за казиното во Визбегово со вртоглав раст – „Плеј 4 Вин“, каде регистрирани се компании во сопственост на израелски државјани, кои работеле на партиски и владини кампањи во земјава. Потоа, обелоденивме и како тетовски бизнисмени, кои поседуваат спортски обложувалници, стекнале имот на ДУИ во ТЦ „Мавровка“.
Станува збор за имот со површина од 413 квадратни метри, кој браќата Емир и Илир Шефити, сопственици на „Банана Кицк“, во 2020-2021 го купуваат за 80 илјади евра, откако неколку години претходно го држеле под закуп за 500 евра месечно и го користеле како кол-центар. Тие го реновирале дуќанот и го користеле како кираџии, но откако станале газди, решиле да го издадат на ИТ-компанија од Албанија?!
После нашата сторија, реагираше тогашната опозиција, која во меѓувреме стана власт, прашувајќи: Дали во некогашниот деловен простор на ДУИ во „Мавровка“ се приредува нелегално онлајн-коцкање?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Долг период наназад, опозицијата во континуитет води кампања дека ДУИ е крајно корумпирана и криминализирана партија, која впрочем ги предводи сите процеси во државата, додека СДСМ и останатите владејачки партии се само статисти и вазали на неприкосновениот и премиер во сенка – Али Ахмети.
Во таа насока, еден од главните столбови на оваа кампања ги сочинуваат нападите дека албанската владејачка партија, преку првиот вицепремиер Артан Груби, е најголем промотор на дејноста игри на среќа, дека „интегративците“ станале ортаци со бизнисот со казина, дека преку онлајн-игрите ги внесуваат казината и во домовите на луѓето итн.
– Речиси и да нема казино во оваа држава, во која нема луѓе од најблиското опкружување на Груби. Клиентелистите во ДУИ се опседнати со својот сон да станат олигархија, но не со чесна работа или печалбарство, туку со грабеж од државата, а сега и со грабеж директно од парите на граѓаните – обвини поранешниот потпретседател на ДУИ, Изет Меџити, кој во меѓувреме формираше нова опозициска партија.
Според него, веќе станува исклучително тенка линијата меѓу ДУИ како организирана политичка партија и криминалното подземје, пред сѐ поради казино-бизнисот и брзите кредити, кои дозволите за работа ги добиваат од Министерството за финансии и други органи под контрола на владејачката партија.
– Албанците, во овие 30 години никогаш не изразиле желба да ја добијат Лотарија, дури немаа ни членови на Управниот одбор, ни заменик-директор. Оваа власт, ова ДУИ што не можам да го препознаам, прв чекор направи асистентот од Собрание да го постави за генерален директор на Лотарија – рече во една пригода, Меџити.
Дури, неговите обвинувања одат дотаму што вели дека на ДУИ малку им биле казината што се гледаат и функционираат легално, малку им била и легализацијата на лихварството преку брзите кредити, па, како што вели, сега организираат и онлајн-казино на црно за Албанија, Косово, Турција, каде што има крајно ригорозна политика и правила во однос на оваа дејност.
– Длабоко се влезени. Во последно време се една од причините за убивањето, немирите палењето на колите. Суштината на сево ова е кој го собира рекетот од казината – смело изјави Меџити, кој во еден настап додаде дека овој сектор има конекции со српското и со руското подземје.
Дека не станува збор само за гола реторика, туку во голема мера и за издржани тези, потврдуваат бројните информации за персонална поврзаност на ДУИ со овој бизнис, за деловните односи меѓу лотарија и партиски функционери, поврзаноста со сѐ поголем број казина итн.
Откако „Фокус“ неодамна обелодени дека странски консултанти што водат владин и партиски ПР се поврзуваат со казино со Визбегово и понуди повеќе факти во поткрепа на тоа, во меѓувреме дојдовме до нови сознанија, кои откриваат уште една поврзаност меѓу ДУИ и игрите на среќа.
Според податоците што ги обезбедивме, деловен простор што го поседувал во ДУИ во трговскиот центар „Мавровка“, во центарот на Скопје, преминал во сопственост на двајца тетовски бизнисмени што поседуваат педесетина спортски обложувалници. Во дел од нив има и ВЛТ-апарати, кои ги поставува Државната видеолотарија, во доминантна државна сопственост.
ПРЕЗЕМАЊЕ НА БИЗНИСОТ СО ИГРИ НА СРЕЌА
За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, бизнисот со игри на среќа беше под политичка контрола на долгогодишниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, прв братучед на експремиерот во бегство – Никола Груевски. Откако Мијалков ја напушти јавната функција, а ВМРО-ДПМНЕ власта, неговото семејство влезе во овој бизнис преку „Макс Бет“.
Поточно, оваа компанија, како што своевремено објавивме, ја основал неговиот син Јордан Мијалков преку „Бест Веј Инвестмент“ и Србинот Саша Марчета, познат како „кралот на коцката“. Сепак, Мијалкови во меѓувреме излегуваат од друштвото, а со тоа и формално го напуштија овој атрактивен сектор, особено откако и хотелот „Мериот“ го продаде казиното на австриски „Новоматик“.
Со падот на двоецот Груевски-Мијалков, се отвори вакуум простор за политичка контрола на овој сектор, па просторот го пополни ДУИ, која за првпат именуваше и прв човек на Државна лотарија, односно генерален директор и воедно претседател на Управниот одбор. Станува збор за 30- годишниот Перпарим Бајрами.
Неговата биографија открива дека во 2021 година влегол во Управниот одбор, а веќе следната 2022 година станал и прв човек на УО и генерален директор. Претходно работел во Собранието како политички советник, каде што денес неговата сестра го води кабинетот на спикерот Талат Џафери. Исто така, бил дел и од Министерството за политички систем раководено од Груби.
Уште еден член од УО на Државна лотарија доаѓа од ова Министерство. Тоа е Шабан Амзовски, кој со одлука од 2021 година бил вработен во Министерството за политички систем. Дополнително, тука некогаш работел и Башким Авдији, кој сега, пак, е член на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Неодамна, во јавноста се дозна дека Државна лотарија најмила под закуп објект во Визбегово со времетраење од 10 години, тежок 2,6 милиони евра. Притоа, договорот е склучен со компанијата „Хеј“, која набргу откако се формирала, прво го купила поранешниот ресторан „Фестина“ и веднаш го издала објектот на Лотарија.
Првично, уште пред „Хеј“ да склучи договор за закуп со Државна лотарија, управителка била Натура Груби Бела, братучетка на вицепремиерот Груби. Компанијата ја основал Армин Машовиќ, но само неколку дена откако информацијата излегува во медиумите, тој излегува од сопственичката структура на друштвото, иако останува управител.
Така, нов сопственик на „Хеј“ станува сопственикот на нафтената компанија „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, кој е син на поранешниот градоначалник на Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски. Како што е познато, нивната нафтена компанија добива најголем број од тендерите за снабдување со нафтени деривати.
Во тој контекст, Машовиќ е поранешен содружник во „Пацифик Петролеум“, каде што бил партнер со Ерџан Сулкоски, кој, пак, до неодамна беше и деловно поврзан со Куштрим Смајлај во фирмата „К.С.А. Интернешнел“. Инаку, Смајлај е зет за ќерка на лидерот на ДУИ Ахмети, кој е поврзан со повеќе компании, од кои дел прават вртоглави обрти и профити.
Понатаму, кон средината на ланската година, Сулкоски стана косопственик и во компанијата „РКМ“ на некогашниот единствен газда Ратко Капушевски, која минатата година го склучи најголемиот договор за набавка на мазут за потребите на државата. Треба да се посочи дека Сулкоски влезе со сопственост во „РКМ“ по добивањето на тендерот.
(АРХИВА) Мијалкови ќе отвараат казина и обложувалници заедно со српскиот „крал на коцката“
ФАМОЗНОТО КАЗИНО – СЕДИШТЕ НА ФИРМИ
Кога станува збор за поврзаноста меѓу ДУИ, игрите на среќа и локацијата Визбегово, „Фокус“ периодов пишуваше за еден друг случај. Според податоците до кои дојдовме, на иста адреса во Визбегово е лоцирано казино што бележи вртоглав раст во работата и регистрирани се компании во сопственост на израелски државјани, кои работеле на партиски и владини кампањи во земјава.
Се работи за казиното „Плеј 4 Вин“ (Play 4 Win), кое е основано во 2020 година. Во рамки на истата групација, функционира и „Стар“ казиното во Тетово. Двете локации се промовираат како „луксузно, приватно, врвно место“, каде што клиентите можат да уживаат во добра храна, квалитетни пијалаци, но и да ги играат најдобрите игри на среќа.
Официјално, тие се во сопственост на „Гаминг Професионал“, основана на почетокот на 2015 година, со седиште во Тетово од страна на Владимир Пауновски. Само 3 месеци по основањето, оваа компанија добива лиценца за игри на среќа во автомат клуб за период од 6 години. Пет години подоцна, пак, односно во март 2020 година, компанијата поднела барање и добила нова лиценца.
Токму во период кога друштвото ја добива втората лиценца, тоа бележи драстичен раст. Според финансиските извештаи, ако во 2019 година фирмата направила обрт од нецели 67 милиони денари, веќе во следната 2020, приходите пораснале на 134 милиони денари. Во двете години, компанијата работи во позитива, но бил остварен незначителен, симболичен профит од 4-5 илјади евра.
Арно ама, нагорниот тренд во остварениот обрт продолжува со иста динамика, така што во 2021 година приходите скокнале на 323 милиони денари, а ланската 2022 година веќе стигнале до 526 милиони денари. Добивката, пак, изнесувала 4,7 милиони денари. Истовремено, скокнал и бројот на вработени од 69 на 144.
На иста адреса каде што е лоцирано ова казино се регистрирани повеќе фирми, а една од нив е „ТЦ Тецхнологиес“. Нејзин сопственик е Тал Силберстеин, познат политички консултант од Израел, кој беше обвинет дека е креатор на црна и валкана кампања во Австрија, а во матичната држава беше гонет за перење пари.
За потсетување, во јавноста осамна фотографија од него и од поранешниот македонски премиер Зоран Заев во време кога актуелен беше референдумот за Преспанскиот договор. Во меѓувреме, регионална „ѕвезда“ стана неговиот „ученик“ Асаф Еисин, кој долги години го советува српскиот претседател Александар Вучиќ, а нашите сознанија говорат дека неформално работел за ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година во време на Груевски.
Сепак, неговото присуство во земјава не може официјално да се потврди, што не е случај со еден друг израелски експерт – Зив Ерез. Тој самиот открива дека работел во земјава на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година, но не го обелоденува клиентот, иако неофицијално станува збор за ДУИ на Ахмети.
Информациите до кои дојдовме покажуваат дека тој, заедно со партнер од Израел – Јаков Сиван, во земјава ја поседува компанијата „Вју Тек“, исто така лоцирана кај „Плеј 4 Вин“, која е основана во 2021 година за „издавање на останата програмска опрема“. Основач на компанијата бил Австриецот Петер Пулер, кој соработувал со Силберстеин во Австрија, а давал услуги и во земјава.
Што се однесува до Сиван, моменталниот партнер на Ерез во „Вју Тек“ (Пулер излегол од сопственичката структура), тој ја поседува и „КСНМ Тецхнологиес“, заедно со Астрит Красниќи. Тој е косовски државјанин, кој бил дел од бизнисот со игри на среќа во родната земја. Формално, „Гаминг Професионал“ од „КСНМ“ го изнајмува просторот за „Плеј 4 Вин“, иако имотот има сосема трет газда.
КАКО ДУЌАНОТ МЕНУВАЛ СОПСТВЕНИЦИ?
Речиси истовремено добивме дојава за уште еден линк меѓу ДУИ и игрите на среќа. Во центарот на нашето истражување беше деловен простор со површина од 586 квадратни метри во „Мавровка“, кој преку имотен лист 45239 го поседуваат компанија и две физички лица. Всушност, според Катастарот на недвижности, 173 квадрати поседува фирмата, додека браќата Емир Шефити и Илир Шефити поседуваат 206, односно 207 квадрати, или вкупно 413 квадрати.
Историјатот на движење што го поседуваме открива дека ИЛ 45239 се оформува во 2002 година, кога имотот е регистриран на „Електрометал АД“. Во 2003 година преминува во сопственост на „Комерцијална банка“, додека во 2009 година во сопственост на „Ве-Ве Груп“. Во 2013 година, врз основа на договор за купопродажба заверен кај нотарот Џевад Бучи, кој е поранешен заменик-министер за полиција од ДУИ, истата ДУИ станува сопственик на просторот од 413 квадрати.
Така е се до 2021 година, кога врз основа на нов договор за купопродажба, овојпат заверен кај Иљхам Исмани претходната 2020 година, деловен простор на ДУИ од 413 квадрати е запишан во сопственост на браќата Шефити. Тие, според информациите што ги добивме од Мала Речица, претходно го користеле просторот под закуп, па решиле да го купат за сума од 80 илјади евра, што значи еден квадрат чинел околу 190 евра.
На тој начин, нови сопственици на деловниот простор стануваат браќата Шефити, кои, според Централниот регистар, ја поседуваат компанијата „Банана Кицк“, основана во 2016 година за „дејности на коцкање и обложување“, чија основна главнина моментално изнесува 32 милиони денари. Оваа компанија добила тригодишна лиценца за приредување на игри на среќа во обложувалница во 2020 година, или истата година кога го купува имотот од ДУИ.
Понатаму, „Банана Кицк“ има дури 56 подружници, од кои најмногу во Тетово, каде што е и седиштето на фирмата. Исто така, преку спортски обложувалници застапена е и во Струга, Гостивар, Куманово, Велес, Прилеп, Охрид, Крушево и неколку рурални средини. Во дел од нив, според јавно објавени информации, има и ВЛТ-апарати, кои ги поставува Државната видеолотарија, која е во заедничка сопственост на Државната лотарија и „Касинос Аустрија“ во соодносот 51:49.
Еден од сопствениците на „Банана Кицк“ – Емир Шефити, за „Фокус“ вели дека купопродажниот договор со ДУИ за деловниот простор во „Мавровка“ го склучиле кон крајот на 2020 година и тој изнесувал 80.000 евра. Како што вели, просторот претходно го користеле под кирија за нивни потреби и плаќале околу 500 евра месечно, Но сега, откако веќе го купиле, не го користат за себе, туку го издаваат под закуп на ИТ-компанија.
– Во просторијата сме биле под закуп некаде од 2015 година, со месечен надомест од 30.500 денари. Пред да го изнајмивме просторот беше во лоша состојба, за што се јави потреба целосно да се среди, од глетување до целосно нов плафон со вентилација и армстронг спуштен плафон, без никакво греење или било каков под. Од таа причина и киријата беше со релативно ниска цена поради фактот дека самите инвестиравме во просторијата да во истата има услов да се користи и работи – вели Шефити.
Тој додава дека во 2020 година од ДУИ ги известиле дека сакаат да го продадат просторот, па имајќи го во предвид фактот дека веќе имале вложено средства во целокупната адаптација за канцелариски услови заедно со инвентарот, одлучиле да го купат просторот за, како што вели, да ја заштитат нивната инвестиција.
При увидот што го извршивме на терен забележавме дека на деловниот простор стои напис „Кип Ит Симпле“ (Keep IT Simple). Нашите проверки покажаа дека постои фирма со ваков назив за софтвер и ИТ-решенија, основана во 2019 година, а како нејзин сопственик се јавува албанскиот државјанин Арлинд Бруци. Таа има две подружници, од кои едната е лоцирана во „Мавровка“.
Арно ама, она што е интересно, ИТ-компанијата „Кип Ит Симпле“ била регистрирана на иста адреса во Тетово како и „Банана Кицк“ на браќата Шефити, кои по неколкугодишен закуп го откупиле деловниот простор на ДУИ од над 400 квадрати за 80 илјади евра, откако како кираџии го реновирале. Нивните финансиски покажуваат дека ланската година ја завршиле со приходи од 217 милиони денари и со профит од 55 милиони денари.
Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ
ДЕЛОВНИОТ ПРОСТОР ИМ ГО ПРОДАДОВМЕ НА КИРАЏИИТЕ ШТО ГО КОРИСТЕА КАКО КОЛ-ЦЕНТАР!
Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ, во изјава за „Фокус“ вели дека деловниот простор во ТЦ „Мавровка“ го продале со одлука на партиските тела. Тој уверува дека се е чисто и транспарентно.
– Деловниот простор своевремено е купен од „Ве-Ве Груп“. Неодамна, со одлука на партиските тела, одлучивме да го продадеме деловниот простор. Го купија лицата што претходно неколку години го имаа под закуп и го користеа како кол-центар – ни изјави Адеми.
Емир Шефити, косопственик на „Банана Кицк“
НЕМАМЕ НИКАКВА ДРУГА ТРАНСАКЦИЈА, НИТУ ДОНАЦИЈА КОН ДУИ!
Со ДУИ немаме никаква релација, ниту пак имаме друг имот или било каква друга трансакција и донација, вели косопственикот на „Банана Кицк“ Емир Шефити, кој заедно со братот Илир Шефити од ДУИ купиле деловен простор од 413 квадрати за 80.000 евра.
– Имавме потреба од канцелариска просторија, и стапивме во контакт со г-дин Бејтула (Адеми), за просторијата која што ја имаа во трговскиот центар „Мавровка“ и така се договоривме за закуп, а потоа и за нејзино купување – тврди Шефити.
Ново законско решение
ПОЛОВИНА КАЗИНА И ОБЛОЖУВАЛНИЦИ ЌЕ ЗГАСНАТ, ВО ИГРА ЌЕ ВЛЕЗАТ СТРАНСКИ ИГРАЧИ?!
Долг период се говори за носење нов Закон за игри на среќа, кој никако да биде донесен. Уште за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаше иницијатива за нов закон кој требаше да предвидува дислокација на објектите од урбаните средини, но законот не беше донесен и покрај консензуалната политичка поддршка на декларативно ниво.
И по политичките промени, кога власта ја преземаа СДСМ и ДУИ, се реактуализираше ова прашање, но прво законот го блокираше ВМРО-ДПМНЕ, а сега се предлага со европско знаменце и веќе ја мина Комисијата за европски прашања.
Овој закон предвидува забрана да се отвораат казина и обложувалници во радиус од 500 метри од училишта, но истовремено се покрена иницијатива за издавање на 3 лиценци за онлајн казина, поради што опозицијата реагираше дека додека навидум казината се тргаат од децата, тие се носат во секој дом.
– Вработени во Кабинетот на Артан Груби ќе ја имаат најголемата корист од отворањето на овие нови казина, каде што ќе се перат парите добиени од провизија, коишто на неделна основа ги добиваат и министерот Груби и многу други функционери коишто сите овие црни пари треба да најдат начин како да ги легализираат – рече Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако ДПМНЕ има такво искуство со провизиите, ние такво искуство немаме, одговори Арбер Адеми од ДУИ, посочувајќи: „И сега се овозможува со електронските средства да имаат учество во овие дејствија. И без ова, и сега има онлајн-дејствија, но работата е дека сега има монопол и некој го штити монополот, тука е прашањето…“.
Упатените во овој бизнис, со кои разговаравме, се жалат на високите услови за издавање на овие лиценци, кои, според нив, се дискриминаторски и ги фаворизираат странските фирми. Тие објаснуваат дека со новиот закон ќе треба да затворат 40-50 отсто од сегашните уплатни места, а, како што посочуваат, државата годишно има прилив од над 30 милиони евра од овој сектор.
Деловен простор на ДУИ во „Мавровка“ преминал во рацете на сопственици на спортски обложувалници!