АРХИВА Дел од лекарите потфрлија во борбата против Ковид 19

by Fokus

Текстот е објавен на 29 март, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1277

Пишува Ирена МУЛАЧКА

За само четири дена починаа тројца пациенти од корона вирусот во Северна Македонија, 57-годишна жена од Куманово, на која првите два теста и покажале дека е негативна на заразниот вирус, додека третиот тест откако починала покажал дека е носител на инфекцијата. Само еден ден подоцна на скопската Инфективна клиника почина 67-годишен маж од Дебар. Тоа што е карактеристично и за двајцата е што, според направените епидемиолошки анкети, претходно немале никакви хронични заболувања. Во средата корона вирусот зема уште една жртва, а тоа 66-годишна пациентка од Дебар.

Во моментот, тоа се првите три жртви на опасниот Ковид-19, кој коси низ светот, односно во Италија во едно деноноќие умираат повеќе од 750 лица, а тука некаде со такви црни статистики е и Шпанија. Факт е дека во наредниот период се очекува зголемување на бројките на заразени,  а според здравствените власти пикот се очекува дури за еден месец.

Последните десетина дена се преземаа ригорозни мерки, односно за првпат во историјата на државата се воведе полициски час од 21 до -05 часот сабајле, за само еден ден подоцна да се ограничи движењето на постарите од 67 години од 05 до 11 часот како група кои се најмногу на удар на корона вирусот, но на младите до 18 години од 12 до 21 часот, кои пак се сметаат за преносители на заразниот вирус.

Колку овие мерки, а сите тие што ќе бидат преземени во наредниот период ќе придонесат за запирање на заразата ќе покаже времето, но затоа пак факт е дека официјалните бројки кои секојдневно се споделуваат со јавноста не се и целосните бројки на заболени, со оглед на тоа што полека почнува да се губи контролата од каде иде вирусот и кој го носи во себе. Како што секојдневно излегуваат информации по колку луѓе имале контакти со заболените, а плус и бројката од МВР, дека неколку илјади се во самоизолација, факт е дека бројките се далеку поголеми.

СВЕДОШТВА НА ЗАРАЗЕНИ ОД КОРОНА ВИРУС

 Во една скопска општина, во стан од 55 метри квадрати изолиран од сите е 46-годишен скопјанец, за кој е потврдено дека е носител на корона вирусот. Тој е на домашно лекување бидејќи има полесна клиничка слика и не мора да биде хоспитализиран на скопската Инфективна клиника.

Тој не сакаше јавно да зборува, па затоа редакцијата на „Фокус“ одлучи неговиот идентитет да остане анонимен, со оглед на тоа, како што тврди, не сака да наиде на осуда од околината. Скопјанецот тврди дека во моментот е сам во стан, изолиран од неговото семејство, кое исто така, се тестирале и чекаат резултати. Како што ни објасни тој, опасниот вирус го добил од пријатели кои дошле во странство, а со кои бил во контакт. Сепак, како што вели, тоа се негови лични претпоставки и не би сакал повеќе да коментира за тоа. Тој додава дека негова цел е да им објасни на граѓаните дека не е потребно многу за да се заразат со опасниот вирус, кој демне од сите страни.

Се работи за многу заразно заболување, кое лесно се пренесува. Јас можам да си кажам за себе, дека уште од самиот почеток мислев дека како и се и ова ќе помине лесно и дека секое чудо за три дена. Но, испадна дека работите не се такви како што ги замислуваме. Факт е дека многу лесно се заразив, односно само се сретнав со пријателите кои дојдоа од странство. За десет дена ги почувствував првите симптоми, но сепак сум со полесна клиничка слика и немам други хронични заболувања, што ми олеснува во моментот. Важно е да бидам сам, за да не пренесам на другите околу мене и слободно можам да им кажам на сите да ги почитуват владините препораки и да седат дома – тврди скопјанецот.

За разлика од него, кој сакаше да остане анонимен, својата приказна со „Фокус“ ја сподели и една од медицинските сестри во болницата во Дебар, каде што пред две недели објавивме дека двајца лекари и две медицински сестри се заразени од корона вирусот. Анифе Леши е 34-годишна медицинска сестра која работи во педијатриската амбуланта во Дебар, кој прв заврши во карантин.

Јас одев на работа, сакав да ја довршам мојата мисија. Заедно со персоналот изгубивме битка, но војната не. Останете дома, за да направиме оваа ситуација да помине побргу – истакна -34-годишната Анифе.

Својот идентитет не го сокри ниту лекарката од Куманово, која е уште една од заразените од Ковид-19. Гордана Николиќ се огласи на својит фејсбук профил и нагласи дека првично била во шок кога дознала дека е носител на заразната болест.

Драги мои пријатели, Ковид-19 не е шега. Да, позитивен ми е тестот на Ковид -19.Шок, секако – Не сакам да верувам. Ова не се крие, се кажува, Допрва ќе има нови случаи. Но, за нас медицинските лица, тоа е нешто за кое знаеме дека може да ни се случи, данок на професијата, космонаутската заштитна маска доцна ја купив. Можам само да претпоставувам од кого го добив не тврдам. За тоа епидемиолозите ќе се погрижат, ако можат воопшто да најдат. Имав контакт службено и со заболената која почина, имав контакт и со „здрави“ луѓе од работа. Не знаеме кој е носител, а навидум е здрав. Затоа седете дома – порача лекарката од Куманово.

Како што поминува времето, можеме да забележиме дека се зголемува и бројот на здравствени работници кои се позитивни на корона вирусот, кои се во првите борбени линии и најмногу на удар на ова опасно заразување.

ДЕЛ ОД ЛЕКАРИТЕ ПОТФРЛИЈА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРОНА

Но, за разлика од нив има и такви кои потфрлија во својата професија, па баш и не го испочитуваа владините препораки за самоизолација, ако се вратиле од патување во странство, одмор, симпозиуми, гости. Доста позната во јавноста е екс директорката на Кожната клиника, Нина Цаца Биљановска, која заврши на Клиниката за инфективни болести позитивна на заразниот вирус.

За да не се повторуваме, таа претходно наместо во самоизолација си доаѓала на работа и држела предавања што значи била во контакт со 200 лекари, кои 14 дена во периодот додека траеше инкубацијата беа во самоизолација. Од триесет тестирани од Кожната клиника, петтмина лекари се позитивни на заразниот вирус.

Првите владини препораки за заштита од корона вирусот беа објавени пред речиси еден месец, а меѓу нив беше и да не се патува во странство, а особено беше нагласено за сите оние кои планирале патување за 8 Март, Денот на жената. Но, освен тоа што препораките не беа испочитувани, меѓу нив имаше и лекари кои патуваа во странство. Една од нив е доктор Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари, за која „Фокус“ веќе објави дека, според неа, паниката за корона вирусот бил само замајување на јавноста, со цел да се отргне вниманието од бранот мигранти што би дошле во државата. Овие свои ставови, во период кога треба да ја подига јавната свест како лекар, таа ги сподели на својот фејсбук профил.

Ја побаравме лекарката да ни објасни подетално, но таа не сакаше ништо од своите ставови да сподели со јавноста, освен дека граѓаните треба да ги почитуваат препораките, а ни нагласи дека тоа е нејзин приватен фејсбук профил и таму може да си пишува што си сака.

Сепак, нашите извори споделија дека и оваа матична лекарка за 8 март патувала во Грција, а со редакцијата на „Фокус“ споделија и фотографии од патувањето. Тие тврдат дека лекарката не била во самоизолација од 14 дена како што бараат препораките, туку уште наредниот ден тргнала на работа. Тоа можеме да го потврдиме и ние, затоа што во моментот кога и се јавивме на докторката на 13 март, во петок, таа ни кажа дека се враќа од состанок во Фондот за здравство.

Меѓу заразените лекари е и доктор Арбен Аголи од Дебар, кој неколку дена претходно објави фотографија на која пишуваше „Вие седете дома, ние сме тука за вас“. Меѓутоа, и доктор Аголи го прекрши периодот на самоизолација, кога присуствуваше на Централното собрание на Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села.

Тој тврдеше дека не се приближувал до никој и носел заштитна маска и ракавици.

Ништо поразличен не е и случајот со заразената докторка во Кавадарци, која бил началник на Одделение во кавадаречката болница. Таа опасниот вирус го добила од нејзиниот сопруг, јавен функционер во Кавадарци, кој го лекувала сама и со уште три медицински сестри од болницата. Таа, во меѓувреме имала контакт и со вработените и со пациенти. Постојат разни шпекулации околу овој случај. Според едни, таа по своја иницијатива одела на работа, а според други, директорот не ја оставил да остане дома.

Исто така, лекар од болницата во Кавадарци, чија ќерка на 6 март се вратила од Италија не го упатството за самоизолација и продолжил да оди на работа. Основното јавно обвинителство побарало од судот во Кавадарци да му изрече парична казна за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија во износ од 100 дневни глоби, а една дневна глоба е 45 денари.

И во кавадарчката и во кумановската болница, според нашите информации се направени тестови на повеќе од 60 луѓе, кои можат да бидат потенцијални носители на опасниот вирус.

НЕМА ДОВОЛНО ИНФЕКТОЛОЗИ, АНЕСТЕЗИОЛОЗИ, ЕПИДЕМИОЛОЗИ

 Но, како што секојдневно се зголемува бројката на заразени пациенти, така повторно се навраќаме на проблемите со кои би се соочил здравствениот систем, кој според дел од стручните лица, би колабирал. Прво и основно е дека во земјата има недостиг на епидемиолози, инфектолози и анестезиолози.

Првично излегоа со информации дека Инфективното одделение во Штип ќе биде карантин. Нека ми објасни некој како може тоа да биде карантин кога до него се Нервното и детско одделение. Има ли логика. Во Штип има само еден епидемилог, а се смета за регонален центар. Исто така, лажните анкети доведоа до тоа и Штип да биде жариште на корона вирусот. Кога им избегаа двајцата пациенти од Виница, тогаш се одлучија за Пепелиште, па Заводот во Демир Капија и на крај завршија во хотелите „Ибис“. Тоа не е сериозно однесување – објаснува нашиот извор.

Тој додава дека сите заразени од корона вирус мора да се знаат со име и презиме за да се заштитат нивните најблиски и тие околу нив.

Во Штип пациент позитивен на корона вирус си отишол во самопослуга да пазарува. Такво нешто не смее да се дозволи – објаснува нашиот извор.

Според него, сега здравствените власти ќе порачувале по 2.000 заштитни маски.

Ние имаме само 5.000 лекари и вкупно 20.000 медицински персонал. Тие маски се за еднократна употреба и се користат само три саати. Факт е дека се работи за многу заразно заболување, кое брзо се пренесува. Средствата за дезинфекција, со алкохол над 70 отсто го уништуваат вирусот за десет минути. Се што презема владата е задоцнето. Аптеките мораше да се регистрираат на царина за алкохолот како акцизна стока да биде третиран и дури вчера владата донесе одлука да се ослободат – вели нашиот извор.

Илчо Захариев, поранешен директор на Биро за лекови вели дека дури од вчера е донесена одлука да се користат малариците и сумамедот во борбата против корона вирусот.

Искуството од Кина за малариците е дека лекува 75 посто од вирусот и заедно со сумамедот може да дојде до целосно излекување. Добро е што сумамедот го имаме во доволни количини, Исто така, треба да има антивирусни лекови што се користеа против САРС, потоа арбидол против грип, но немаше клинички искуства како делува. Гама глуболините, антителата многу добро делуваат – вели Захариев.

Тој додава дека СЗО секоја година во јуни знаат каков вид на грип се очекува и веќе во септември излегуваат и вакцините.

Требаше пред два месеци да се обезбедат сите овие лекови. Сега е малку задоцнета работата – истакна Захариев.

Еден од поголемите проблеми во здравството е тоа дека нема доволно кадар кој би раководел со респираторите, односно машините за дишење.

За овие апарати мора да има посебни обуки и со нив мора да работат само анестезиолози. Не може секој да се учи да работи со нив. Се знае кој, како и во кои услови треба да се прави тоа. Се плашам дека како што ќе се зголемува бројката и да има респиратори, нема да има добро обучени за работа со нив – објаснува анестезиолог за “Фокус“ кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека има алармантен кадар од оваа област.

Снежана Захариева, директорка на Општата болница во Куманово, кое стана новото жариште на корона вирусот тврди дека ако продолжи со такво драстично зголемување бројот на заразени, ќе мора да бараат помош.

Зависи, колку ќе се зголемува. За капацитети има, за кадар, не дај боже, помош ќе бараме – вели Захариева.

Мораме да бидеме свесни дека бројката ќе продолжи да се зголемува. Наше е дали ќе се заштитиме или не. Здравствениот систем не е спремен да го издржи тој товар, па затоа седете си дома!

Рамка1:

ГЕРМАНСКИ ТЕСТОВИ ЗА ПРОВЕРКА НА КОВИД-19

 Колку важна улога имаат тестовите за откривање на заразниот корона вирус покажува искуството од Италија, односно масовното тестирање направено на 3.300 жители без разлика дали покажувале симптоми на болеста или  не во градот Во, во регионот Венето. Кога ќе утврделе дека некој е позитивен на тестовите на корона вирусот, тогаш тоа лице, како и сите со кои бил во контакт се ставаат во карантин. Благодарение на ваквиот режим, тие успеале целосно да го спречат ширењето на заразата од Ковид-19.

Ваквиот начин на масовно тестирање не може да се примени во Македонија, со оглед што нема доволен број на тестови.

Сите тестови за Ковид 19 се унифицирани, имаат исклучително висока сензитивност,  но за жал ниту еден тест не е 100 проценти точен. Тестовите што  се користат кај нас се германски и има протокол кој мора да го задоволи тестот за да се користи во лабораториите за вакви цели – тврди Филипче.

На Комисијата за заразни болести, како што дознаваме секојдневно тема е масовен скрининг.

Ние практично спроведуваме една форма на масовен скрининг. Кога зборуваме за масовен скрининг, за пристап кон пациентите, за начинот на тестирање, во овие тестови  кои се со исклучително висока сензитивност од над 99 проценти, кои што зборуваме и ги имаме, тоа се тестови  на кои се детектира присуство на вирусот, се индицира тогаш кога има епидемиолошки податок заради тоа што сметаме, како и многу други земји, дека доколку се индицира и таму каде има простор за грешка, практично ќе добиеме лажни негативни  резултати, што пак целосно ќе ја искриви сликата“, рече Филипче.

Тоа што е карактеристично е дека во првите 14 дена од инкубацијата не се прават тестови, затоа што тестот може да биде лажно негативен, а всушност пациентот да биде позитивен на вирусот.

Рамка2:

СУМАМЕД И ЛЕКОТ ПРОТИВ МАЛАРИЈА ЌЕ ГО ПИЈАТ ЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОРОНА

Кај заболените од корона вирусот почна да се применува комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин, познат како сумамед, што веќе се покажа ефикасен во повеќе земји.

Ова уште во вторникот го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, објаснувајќи дека таа комбинација е одобрен на состанок на Комисијата за етички прашања во Агенцијата за лекови – МАЛМЕД.

На состанокот на Комисијата за етички прашања во МАЛМЕД, беше одобрена комбинацијата на терапија за пациенти заболени од коронавирусот. Комбинацијата што ја содржи лекот хлоркинин и азитромицин што се покажа како ефективен во повеќе земји и таа одлука ќе биде аплицирана од утре и во болнички и во домашни услови по соодветна индикација од лекарот, бидејќи е потребна прво проценка на клиничката состојба и се дава кај одредена група не кај сите, рече Филипче.

 

Поврзани новости