(АРХИВА) Дали „Бехтел и енка“ ќе биде новото „Синохидро“?!

by fokus

Текстот е објавен на 22 декември 2021 година во неделникот Фокус со број 1.368.

Собранието со специјален закон ѝ овозможи на американскот –турската „Бехтел и Енка“ да гради автопатишта во Македонија. Законот уште пред две години го оспорија антикорупционерите, кои предупредија дека може да ни се случи ново „Синохидро“ и новиот проект за автопатишта да заврши со обвинение. Сега, не престануваат контроверзиите за компаниите што треба да го вршат надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10 кој преку тендер го доби „ИРД инженеринг“, а како подизведувачи се избрани уште три фирми „Електро консалтинг“, „Ептиса“ и „Евро консалтинг“, сите сомнителни. Основач и сопственик на фирмата „Евро консалтинг“ е Бранислав Димитријевиќ, за кој има потерница во Ерменија. Опозицијата пак објави дека за фирмата „Ептиса“ во 2020 година било донесено заклучок да не се ангажира бидејќи неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце. И покрај сите сомнежи во јавноста, Владата вчера го потпиша договорот за коридорите 8 и 10 помеѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“. Се работи за изградба на автопатишта од 110 километри, што ќе чини 1,3 милијарди евра или два милиони евра по километар. За сомнежите за надзорот предмет отворила и Антикорупциска комисија.

Пишува: Фросина ФАКОВА СЕРАФИНОВИЌ

 Јанкулоска: Да ти кажам ми се смачи више.

Ставрески: Не ми збори.

Јанкулоска: И од избори и од сѐ. Налет, знаеш како, мислам.

Ставрески: Цркнавме. Да ти кажам ноќеска каква порака добив ми се смачи што ми идеше да му го грабнам телефонот и да му ја скршам главата.

Јанкулоска: Ја ти викам…

Ставрески: Нѐ тера да направиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат.

Јанкулоска: Да де, да.

Ставрески: Е сега место со нив тоа да го расправа, сега они и да го јават, јас сум месинџерот, мене ми се јавува, ова зошто е вака зошто е така, не е потпишано. Му објаснувам зошто не е, и му пишувам во пораката и мислам дека се во право луѓето. И ми враќа порака, јаките експерти, јаките правни експерти Миле и Владо, а и ти како искусен правник сте дошле до заклучок дека е, и нешто ми дрнда таму.

Јанкулоска: Глупости. Па, тој што вика дека е ок, нека го потпише.

Ставрески: И да не сме во право, пази, и да не сме у право, начин ли е тоа бе со тројца твои соработници?

Јанкулоска: Да де. Ама и не само тоа, ако некој некомотно се чувствува, значи има нешто.

Ставрески: Така е. Пак е да речам забегана порака. Онака, човек што изгубил контакт со реалноста. Не е во ред, не можеш да вреѓаш така.

Јанкулоска: Да бе да, мислам на крајот.

Ставрески: Ако не сум јас искусен правник, шест години работам со проблематика, знам да проценам.

Јанкулоска: Ама независно…

Ставрески: Што треба да потпишат знаеш? Договор со кинеска компанија што ќе ги гради патиштава без тендер. Тоа треба луѓево да потпишат.

Јанкулоска: Па, не може така.

Ова е разговор воден во 2012 година меѓу министерот за финансии Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и беше објавен како дел од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконски прислушуваните разговори.

Од разговорот се гледа дека министерот и негови двајца соработници имале притисок од шефот да склучат незаконска зделка. Не е тешко да се заклучи дека станува збор за изградбата на двата автопатишта во источна и во западна Македонија, зделка која на крајот ја доби кинеската компанија „Синохидро“.

Договорот за изградба на автопатиштата од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид беа склучени на 12 ноември 2013 година. Потписници на договорите од име на владата беа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески (можните Владо и Миле кои Ставрески ги посочува дека не сакаат да потпишат), како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИШТА НИ ИЗГРАДЕНИ, НИ ДОСУДЕНИ

Но, важно е да се спомене дека овој договор беше потпишан откако најпрвин беше аминуван, еден месец порано, во Собранието, бидејќи никој од министрите во Владата не сакал да го потпише, па затоа морало сѐ да се протне низ собраниска процедура.

Партнер тогаш беше кинески „Синохидро“.

Миладиновци – Штип веќе е пуштен, а актуелната власт успеа да ја намали цената за чинење од 226, на 176 милиони евра, велат од Министерството за транспорт. Автопатот Кичево – Охрид, кој требаше да биде готов во 2018 година за цена од 411 милиони евра, во 2021 или три години подоцна, уште се гради, а цената веќе достигна 598 милиони евра, или 45 отсто плус од планираното.

Случајот заврши на суд под име „Траекторија“, а обвинети беа екс премиерот  Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Пешевски, Јанакиески и тогашниот директор на јавното претпријатие за државни патишта Георгиевски.

Четворицата се гонат за штета на буџетот од 155 милиони евра. За Груевски делото застаре, a по три години судење без епилог, случајот се врати на почеток, откако судијата што го водеше случајот, Горан Бошевски, беше разрешен.

Слична ситуација се случува и сега за изградба на автопатиштата од Коридорот 8 и 10д, и тоа од Струга до Ќафасан, од Тетово преку Гостивар до Кичево, како и од Прилеп до Битола.

Со специјалниот закон што беше изгласан во Собрание на 15 јули оваа година, на американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ без тендер ќе му се даде да ги гради овие автопатишта.

Власта тврди дека „Бехтел и Енка“ сами се понудиле за оваа бизнис-зделка, а она што го нуделе е „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатиштата.

На крајот на март, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во име на владата потпиша Меморандум за разбирање со американско-турскиот конзорциум. На потпишувањето присуствуваше и американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

Со изградбата на Коридорот 8, нашите граѓани од Ќафасан до Блaце со Косово или со другите гранични премини ќе можат да се движат низ модерен автопат, а во исто време ќе се докаже дека економската иднина што ја нуди овој Коридор како еден нов пејзаж што се појавува на Балканот ќе потврди дека најновата историја на Југоисточна Европа ќе помине низ Скопје, рече Груби.

 ЕКСПРЕСНО ДОНЕСЕН СПЕЦИЈАЛЕН ЗАКОН

Во јули, Собранието по скратена постапка, експресно го донесе специјалниот Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола).

Со Законот се овозможува реализација на Меморандумот што го потпиша владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите.

Законот за првпат предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер. Антикорупционерите не стигнаа ниту да го достават своето мислење за овој Закон во Собрание, иако порачаа дека постои висок ризик за корупција и судир на интереси. Сепак, пратениците сложно ги претркаа антикорупционерите.

-Јас велам ‘сложни калуѓери во петок мрсат’. Тоа е загрижувачки, работи што стојат во нашата национална стратегија дека не треба да се прават, вклучително и носење закони по скратена постапка, еве што се прави. А, таа стратегија ја изгласаа истите пратеници. Секој си има своја одговорност и лична и институционална, нашата е таа, ние сме да спречиме корупција, односно да предупредиме, да укажеме или препорачаме. И тоа го правиме, а понатаму секој со својот став и одговорност, предупреди претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска.

Откако не успеаа да им го кажат мислењето на пратениците, антикорупционерите побараа претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот за овој закон.

Сепак, и Пендаровски не ги послуша.

– Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци што имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд, кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти, беше ставот на претседателот откако го потпиша указот.

Следно и крајно, ДКСК го оспори Законот пред Уставен суд, односно поведе иницијатива за оценување на уставноста. Според нив, донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава, рече Ивановска.

Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положба и однесување на пазарот.

Меѓу другото, од Антикорупциска посочуваат дека во законот постојат правни празнини, кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.

 СЕ ПРОДОЛЖУВА СО ДОГОВОРИ ВО ЧЕТИРИ ОЧИ

Антикорупционерот Нури Бајрами, пак, ги анализираше искуствата на државата со градење автопатишта со договори во четири очи.

Поминаа 7 години со тој договор во четири очи, остана неразјаснето колкава штета е направена, па сега се продолжува во четири очи. Ние мора да реагираме, бидејќи не е наведено нешто од Уставот како образложение. Тоа мора да го укажеме без оглед на интересот, сега се брза на она што се чека 30 години. Ние мора да сме дел од тие коридори, но зошто нема образложение… Сите ќе ги затвориме очите, ама за што? Да ни се повтори уште еднаш Синохидро?, кажа Бајрами.

Платформата за борба против корупцијата, која е составена од 17 членки-организации што работат на теми од антикорупција, владеење на правото и добро управување ја повика власта да биде пример за борба против корупцијата.

Во состојба во која постојат веќе воспоставени начини како се остваруваат вакви инвестиции, преку јавни набавки или јавно приватно партнерство, кои обезбедуваат конкурентност, носење скроен закон значи дека користа на инвеститорот била поважна од јавниот интерес. Истовремено, за ваква инвестиција од страна на државата недостасуваат анализи кои ќе ја образложат вистинската потреба за изградба, деталите и анализата на корист и трошок од изградбата, за граѓаните да добијат најмногу за денарот што го вложиле како даночни обврзници, реагираа од Платформата.

Упростено кажано, експерти за антикорупција за „Фокус“ коментираат дека носењето на овој закон е исто како за секоја раскрсница да носиме посебни правила за сообраќај.

Владата не даде никаква задоволителна причина зошто не се добри правилата од Законот за јавни набавки, ниту зошто дава примери од други такви специјални закони (законот што се донесе за Синохидро) како примери дека не функционира Законот за јавни набавки, кога тој не се применува. Штом има потреба да се регулира нешто со посебни правила од општите, треба да има многу добра причина. Во спротивно, причината е дека се сака однапред да се одбере набавувачот, што е ризик за корупција, коментираат експертите.

И покрај овие укажувања, Уставниот суд го запечати градењето на автопатиштата без тендер.

Уставните судии донесоа одлука да не поведат постапка за оценување на уставноста на специјалниот закон. Таа нивна одлука лично ја соопшти  вицепремиерот Груби, кој многу им се заблагодари на судиите.

Надмината е и последната законска пречка за реализација на најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата земја и сега ќе се преговара за градежен договор со компанијата „Бехтел-Енка, соопшти Груби.

Одлуката на Уставен сѐ уште не е објавена јавно, за да се види нивната аргументација и нивното образложение зошто така одлучиле, иако претседателката Добрила Кацарска го најави јавното објавување на одлуката.

Додека антикорупционерите го спореа специјалниот закон, премиерот Зоран Заев заедно со Груби, министрите Бесими и Бочварски, како и во присуство на американската амбасадорка, примија делегација на „Бехтел и Енка“ и се сретнаа со менаџментот на  овој конзорциум и  претседателот на единицата за инфраструктура на компанијата, Шон Кени.

 СКАНДАЛОЗНИ ИСКУСТВА ВО РЕГИОНОТ

На состанокот било споменато дека во соседна Албанија се при крај постапките со проектните документи за патните и железничките правци од Коридорот, со што овој европски коридор ја добивал својата завршна физиономија за поврзување на Црно со Јадранско Море.

Но, албанските медиуми пишуваа дека помпезно најавеното патриотско поврзување на Косово и Албанија заврши со драматично зголемена цена од првично договорената. Односно, проектот што требало да чини 300 милиони евра, чинел 1,1 милијарди евра, па за претплатениот автопат во Албанија тамошното обвинителство отвори истрага против тогашниот министер за транспорт, а сегашен лидер на опозицијата, Љуљзим Баша, но него го спаси албанскиот Врховен суд.

Во ноември 2013 година, Косово пак, доби 77 километри долг и модерен автопат со четири ленти „за само“ 1,3 милијарди долари, односно за речиси 17 милиони долари за еден километар.

Целиот овој проект заврши како голем скандал, а на неисплатливоста предупредуваа и ММФ и Светска банка, пишува угледниот Форин полиси. Еден од главните промотори на проектот во Косово беше американскиот амбасадор во Приштина, кој потоа заврши како претставник на Бехтел во Мозамбик.

 АМБАСАДОРОТ НА САД ВО КОСОВО СЕ ВРАБОТИЛ ВО „БЕХТЕЛ“

Тогашниот амбасадор на САД во Косово, Кристофер Дел гласно го бранел договорот за автопатот, иако тој бил оспоруван од релевантни меѓународни институции.

Кристофер Дел ја напушта Приштина во 2012 година, прифаќајќи една друга дипломатска позиција, за веќе следната, 2013 година, да се пензионира од Стејт департментот. Само еден месец подоцна, Бехтел го ангажира Дел како свој специјален претставник во Мозамбик.

Во 1998 година, корпорацијата постигна договор за градење автопат и во Хрватска, во директни преговори и без наддавање. Кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобира за втор договор со Бехтел по урнек на првиот, се открива дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма „Патон Богс“, која имала договор за лобирање со – Бехтел. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажа од директно договарање и отиде на јавен тендер.

Сличен e случајот и со Романија, каде што во 2003 година беше постигнат директен договор за модернизирање на речиси непостоечки автопат, за цена од 2,7 милијарди долари. Проектот станува 10-годишна ноќна мора за обете страни; одложувања, спорови, меѓусебни обвинувања за уцени и корупција. Сув остаток: за добиени 64 отсто од парите, Бехтел испорачал 12,5 отсто од договорот.

УСТАВНИТЕ СУДИИ НЕ ГЛЕДААТ НИТУ КОРУПЦИЈА, НИТУ МОНОПОЛ

Специјалниот закон за градење на автопатиштата не е законодавно правен преседан и не значи повреда на владеењето на правото, нема ризик од корупција и законот не ја загрозува слободата на пазарот.

Ова накратко го утврдил Уставниот суд, кој во јавно објавено решение образложува зошто иницијативата на Антикорупциската комисија е неоснована и одлучиле да не поведат постапка за специјалниот закон што го изгласа Собранието со кој му се овозможува на конзорциумот „Бехтел и Енка“ да гради автопатишта во Македонија.

За уставните судии неосновани се наводите дека Законот претставува висок ризик-фактор на корупција и судир на интереси, бидејќи во оспорениот закон не е отфрлена прекршочната и кривичната одговорност за учесниците во постапката.

Исто така, за нив оспорениот закон не ја загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи државата се јавува како субјект на пазарот кој номинира стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на автопатиштата, а не како регулатор на пазарот што обезбедува еднаква положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба.

Наводите во иницијативата дека имало правна празнина – недореченост во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите на Комитетот за преговори, всушност претставуваат барање за изменување или дополнување на Законот со нова содржина, што е прашање од надлежност на законодавецот. Уставниот суд, во рамките на своите уставно определени надлежности, ја оценува уставноста и законитоста на прописите во правниот поредок, во која смисла ја оценува уставноста на одредбите од оспорениот закон што се содржани во истиот, но нема надлежност да оценува за тоа што Законот не содржел, а требало да содржи според мислењето на подносителот на иницијативата, пишува во решението на Уставниот суд.

Судиите не гледаат проблем ниту во носењето на законот по скратена постапка, бидејќи тоа го овозможувал Деловникот на Собранието.

Имајќи ја предвид уставно пропишаната надлежност на Уставниот суд, предмет на уставно-судска анализа при оценката на уставноста на постапката за донесување на конкретен закон може да биде само прашањето дали тој закон во фазата на гласање го добил потребното, со Устав предвидено мнозинство гласови или не. Уставниот суд нема надлежност да цени дали постапката за донесување на оспорениот закон е во согласност со Деловникот на Собранието или со други одлуки, резолуции, препораки и заклучоци на Собранието, се додава во решението. Одлуката е изгласана со мнозинство гласови.

Поврзани новости