Архива: Братучетката на Груевски главна сестра во штипската Клиничка болница?

by Fokus

Текстот е објавен на 7 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 957

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Не верувам дека постои човек во Македонија кој не ја гледал или барем не слушнал за хумористичната серија „Нашата мала клиника“, направена по примерот на мегапопуларната германска серија „Клиниката Шварцвалд“ во осумдесеттите години на минатиот век. Дејствието на серијата се одвива во мала клиничка болница во Србија, а главните актери се лекари и пациенти, кои на хумористичен и сатиричен начин го покажуваат вистинското лице на балканското здравство.

Сценариото во серијата алудира на најголемите проблеми со кои се соочуваат лекарите и пациентите, од немањето основни услови и материјали за работа, преку финансиски колапс, па сè до битката да се спаси животот на болните. Дека работите во клиниката доаѓаат нож до коска, покажуваат и сцените во кои хирурзите на пациент му ја ампутираат ногата со пила, а за да заштедат, го анестезираат со ракија. Главните ликови се ставени пред предизвик како да го преживеат секој нареден ден!

Сепак, на филмското платно можат да се видат и реални и нереални сцени. Страшно е кога филмската приказна ќе се преточи во реалност или, пак, обратно, ако страшниот филм е правен по вистинска приказна.

А, нашата вистинска приказна нѐ води во Штипската клиничка болница, која веќе неколку години е во финансиски колапс, со огромни долгови, без основни материјали и апарати за работа, со куп партиски вработувања и со пациенти, кои кога ќе влезат внатре, единствено ги води мотото – кој преживее, ќе раскажува!

ХОРОР ВО ШТИПСКАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА

Дали здравствените реформи на владејачката партија во последните осум години на „дело“ можат да се забележат во Штипската клиничка болница во која се лекуваат околу 150 илјади пациенти годишно? Оваа болница беше последната дестинација на патувачкиот тим на министерот за здравство Никола Тодоров, кој токму таму ја заврши својата еднонеделна турнеја на ловење лебарки, фаќање лекари и медицински сестри како пушат во ординациите, затворање одделенија, сликање, промовирање, сечење црвени ленти…

Веднаш откако ќе се исклучат светлата на камерите и фотоапаратите, на виделина излегува вистинската и страшна слика на болницата под Исарот, која го опслужува целиот источен регион. Според дел од лекарите, во една соба има 10 до 12 оперирани болни, по двајца во еден кревет, кои цела зима се топлат со ќебиња и печки што ги носат од дома. Болницата, исто така, е без основни хигиенски и санитарни услови, придружени со болнички инфекции, без основен медицински материјал, инјекции, инфузии, гази, сонди, со минимален медицински кадар и со опрема што не функционира.

Голем проблем претставува недостатокот и нерегулираниот статус на хигиеничарите. Честопати, одделенијата остануваат по неколку дена без хигиеничари, а ѓубрето стои расфрлано по ходниците, по ординациите и по собите на пациентите. Кој е ризикот од ова? Во какви услови се лекуваат болните?

Дел од лекарите се на работ на нервите и тврдат дека болницата го достигнала дното.

Работиме во хорор-услови, под секое човечко достоинство. Болницата не личи ни на кочина. Кога пациентите ќе влезат внатре, се плашат во која урнатина дошле? Се случува и комплетната хируршка програма да биде стопирана по неколку недели поради недостиг од анестезии. Исто така, имаме недостиг од лекови, хируршки материјали, конци и ракавици. Ова ли се здравствените реформи во болница од регионален карактер – вели доктор Влатко Милошески, максилофацијален хирург.

Работите оделе дотаму, што дури и првиот човек во здравството ги убедувал штипските бизнисмени да донираат пари за ќебиња, за да можат пациентите полесно да ја „преживеат“ зимата.

Во време кога владата постојано се фали со реформираното здравство и со новата медицинска опрема, апаратот за стерилизација во штипскиот Клинички центар се расипал, па лекарите биле принудени, поради ограничени стерилизирани инструменти, да ги оперираат само итните случаи. Пациeнтите што не спаѓале во оваа група биле препраќани во околните болници, а најчесто тоа била велешката болница, оддалечена околу 40 километри од Штип.

Ова не се единствените проблеми со кои се соочуваат болните. Пред неколку недели, пациент со мозочен удар починал затоа што три дена не работела компјутерската томографија и не можеле да му ги направат потребните испитувања. Овој апарат, според лекарите, работи само еднаш месечно кога во болницата доаѓа познат кардиохирург од скопската Клиника за кардиологија.

Исто така, лани, на 32-годишен штипјанец со пукнат чир, животот му висел на конец затоа што во болницата немале носно-стомачна сонда, која чинела само 15 денари и антикоагулантна терапија, која по шприц чини само 159 денари. „Фокус“ располага со медицинскиот извештај за овој пациент, кој подоцна со возило на Брза помош бил транспортиран до Клиниката за дигестивна хирургија, каде што му била извршена хируршка интервенција.

Маринела Тушева, пратеничка од опозицискиот СДСМ, вели дека Штипскиот клинички центар е во длабока кома, а владините политики и чекори само уште подлабоко го закопуваат.

– Недозволиво е за една земја, претендент за членство во големото европско семејство, па макар и декларативно, да нуди медицински услуги на нивото на африканските и јужноамериканските земји. Никогаш состојбата во македонското здравство не била толку лоша. Никогаш немало толку голем недостиг од лекови, никогаш лекарите не биле во толку тешка состојба, никогаш поради негрижа не се случувало пациентите да умираат – тврди Тушева.

Таа додава дека помпезно најавуваниот проект „бесплатно здравство“ остана само на хартија и во телевизиските спотови на владата.

За разлика од Тушева, која се жали од здравствените реформи, од менаџментот на Штипската клиничка болница имаат спротивен став. Тие демантираат дека работат во катастрофални услови.

БРАТУЧЕТКАТА НА ГРУЕВСКИ ГЛАВНА СЕСТРА ВО БОЛНИЦАТА?

Веќе неколку месеци, атмосферата во Штипската клиничка болница врие, а лекарите и медицинскиот персонал се соочени со нови внатрешни препукувања и битки за повисоко работно место.

Според информации на „Фокус“, односите меѓу вработените се влошиле веднаш по изборот на одговорни медицински сестри на сите одделенија и по изборот на главната сестра на болницата пред неколку месеци. Нашите извори брифираат дека изборот се вршел преку интерен оглас, кој бил распишан за прераспоредување медицински сестри со завршено високо образование.

На огласот за избор на главна сестра се пријавиле седум кандидати. Меѓу нив била избрана кандидатка, за која се шпекулира дека е братучетка на премиерот Груевски, кој по потекло е од Штип. Таа претходно работела на Одделението за уво, грло и нос. Самиот избор предизвикал револт и незадоволство меѓу другите кандидати.

– Не ми е јасно, сменети се медицински сестри пред пензија и ставени се да работат во смени, само за да се задоволат партиските апетити на младите медицински сестри. Дел од нив штотуку дошле на работа, и тоа по партиски клуч, и веднаш се наградени – вели доктор Влатко Милошевски.

Тој додава дека болницата кубури со среден и нижи медицински персонал.

– Најголем дел од нив работат и по 240 часа месечно, без надоместок за дополнителните часови. Тие часови им ги евидентираат како слободни денови (по околу 50 слободни дена). Но, не се во можност да ги искористат, поради тоа што нема кој да ги замени. На медицинските сестри, кои на повик заминуваат со пациент за Скопје, им се надоместуваат фиксни 400 денари, иако според колективниот договор регулирана е исплатата на повик по час. Се случува на клиниките во Скопје да се задржат и по 8-10 часа – истакна доктор Милошески.

Тензиите во болницата меѓу персоналот се зголемени, а вработените се иритирани, затоа што само партискиот клуч ја игра главната улога во целата приказна. Дел од кандидатите тврдат дека се чувствуваат изиграни, бидејќи изборот не бил реален.

– Повеќе немам зборови. На сите ни е јасно на кој начин е направен изборот. По вакви игри, како да верувам дека сè е законски и дека уште пред време не се знаело кој ќе биде избран. Зошто мора партијата и роднинските врски секаде да се на прво место? – прашува еден од кандидатите, кој сакаше да остане анонимен.

За разлика од вработените, кои не веруваат во искрените намери на менаџментот на болницата, оттаму, пак, имаат спротивен став. Тие за „Фокус“ потврдија дека имало интерен оглас и дека за избор на главна сестра имало седум кандидати.

Новата главна медицинска сестра на Штипската клиничка болница е избрана како најдобро решение од сите пријавени кандидати. Таа е дипломирана медицинска сестра, која долги години работеше  како инструментарка на Одделението за уво, грло и нос и истата е почитувана медицинска сестра не само на одделението, туку во целата болница. Беше издвоена како најдобар избор, бидејќи за сите овие години на работа стекнала  авторитет и стручно знаење со чесно и хумано работење и со професионално комуницирање и со пациентите, и со персоналот. За нејзиниот избор немаше и нема негодување од страна на персоналот – истакна Марина Шуманска, портпаролка на болницата.

Но, таа избегна да даде целосен одговор на нашите прашања – дали новата главна медицинска сестра е братучетка на премиерот Груевски и дали вработувањата во болницата се вршат по партиски клуч?

ЛЕКАРИ ПО ПАРТИСКИ КЛУЧ ПАРАДИРААТ ВО БОЛНИЦАТА

Сè уште остануваме на темата вработувања во здравството, кои особено беа актуелни последната година, откако во скопските клиники и болниците низ земјава влегоа околу 800 нови лекари и медицински персонал.

Во бранот вработувања во здравството не изостана и Штипскиот клинички центар. Таму се случуваа најголемите скандали ‒ кој, како и што ќе работи во болницата? Опозицискиот СДСМ во Штип во тој период обвинуваше дека сите примени лекари се „вмровци“. Тие јавно излегоа со имињата на сите нови лекари ‒ сопруги, браќа и ќерки на локални моќници од ВМРО-ДПМНЕ. Опозиционерите тврдеа дека за 18 лекарски места биле пријавени 118 кандидати, од кои речиси сите се со партиска книшка.

Според СДСМ, едно од имињата на нововработените лекари е Габи Мирасчиева, ќерка на член на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник, потоа Ирена Николова, која е сопруга на заменик-координаторот на ДПМНЕ. Исто така, вработен во болницата е и Ѓорѓи Коцев, брат на советникот во општина Штип.

– Има ли потреба и другите да ги набројуваме? Сите до еден членови или блиски роднини на функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Овој конкурс предизвика голем интерес во болницата, но како по обичај, по еден позитивен потег на владејачката партија, следуваат низа негативни и контроверзни потези. Голема врева крена начинот на којшто се избрани „најдобрите“ и „најквалитетните“ кадри. Да не зборуваме дека тестирањето го вршеа во нивните партиски штабови – тврдеше во тоа време Марио Михајлов од СДСМ.

Скандалот со партиските вработувања не е единствениот кој ја тресе Штипската клиничка болница. Владејачката партија досега даде многубројни ветувања за подобрување на условите во болницата.

Според изборните програми на ВМРО-ДПМНЕ и јавните настапи на премиерот, Штипскиот клинички центар досега веќе двапати требаше да биде реконструиран и трипати да биде изградена сосема нова болница. Првите ветувања за реконструкција паднаа во 2006 година, па во 2008 година, за подоцна, секоја година да се удираат темелите на новата болница.

Сите изборни програми од „Преродбата во сто чекори“ до „Изборниот манифест“ ќе останат неми сведоци на дадените ветувања испишани само на хартија. Еве, што кажа Груевски пред локалните избори на митинг во Штип:

– ВМРО-ДПМНЕ е сериозна партија која на граѓаните им ветува реализација на проекти, за кои со сигурност знае дека се остварливи – ечеше гласот на Премиерот.

За само неколку месеци, тој го смени ставот. При последната посета на Штип, Груевски потврди дека темелите на новата болница ќе бидат удрени, сега во февруари. Па, да го видиме и тоа чудо.

Рамка 1:

ВОЗИЛАТА ЗА БРЗА ПОМОШ ВО ШТИП РАЗНЕСУВААТ МЕБЕЛ

Пред две недели во Штип актуелен беше случајот со возилата на Брза помош. Штипскиот здравствен дом располага со три возила, кои треба во секое време да им бидат достапни на граѓаните. Маринела Тушева од опозицискиот СДСМ, со сликите во раце, на пратенички прашања покажа дека возилата, наместо да се користат за потребите на пациентите, се користат за разнесување на мебел низ градот.

Рамка 2:

МИЛОШЕСКИ: ОПРЕМАТА ВО ШТИП Е ПРЕПЛАТЕНА

Влатко Милошески, доктор во Штипската клиничка болница, вели дека апаратите што се користат таму се преплатени.

– Она што фрла сомнеж врз заложбите на владата за подобрување на условите во здравството е фактот што за набавка на новата опрема се потрошени многу повеќе народни пари од нивната реална цена. На пример, за МРИ се платени 1.380.000 евра, а реалната цена е 790.000 евра. КТ е платена 900.000 евра, а реално чини 530.000 евра. Дали ваквите набавки се за подобрување на условите во болницата или, пак, имаат своја мрачна заднина? – прашува Милошески.

Поврзани новости