Претендирањето дека апсолутната вистина во јазичниот спор е на бугарска страна е опасна теза и не води кон позитивно решение на тој спор. Само со еден космополитски светоглед, базиран на примената на европски аксиоми, стандарди и искуства, може да се постигне научно верифицирано и праведно решение
Пишува Марјан ЃОРЧЕВ
Споровите и суштествените разлики меѓу бугарските и македонските национални идеи, кои добиваат своја дефинитивна форма и содржина по создавањето на бугарското кнежевство во 1878 година, се однесуваат на клучни прашања за националната самосвест на бугарскиот и на македонскиот народ, како што се: историски и религиозни традиции, државотворност и национален идентитет, јазик итн.
Јазичниот проблем (проблематизиран од бугарска страна) во меѓусебните односи на двете современи државни творби е очигледно стереотипна метафизичка категорија, во контекст на дијалектичката динамичност на современата европска-историска, социјална, хуманистичка и лингвистичка наука.
Има една стара американска поговорка: „Ако има одреден проблем, мора да има и соодветно решение за него. Доколку премногу долго проблемот не може да се реши, тогаш проблемот вистински и не суштествува“. Споменатата поговорка има апсолутна применливост во псевдо-лингвистичкиот и псевдо-историскиот проблем помеѓу двете суверени држави.
СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ДОГОВОРОТ ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО
Изворот на спорот се трите историски фундаменти на бугарската државничка политика воопшто кон топонимот „Македонија“ и етнонимот „Македонец“, таксативно наброени:
1.Сонот за голема Бугарија од мировната конференција во Сан-Стефано, одржана на 3 март 1878 (во тој мировен протокол кој никогаш не стапил во сила, географскиот простор на Македонија е дел од бугарското кнежевство);
- Mонархистичките тенденции на бугарските цареви од кобуршката династија за просторна и капитална експанзија;
3.Дејноста на Бугарската егзархиска црква за религиозно влијание и асимилација на населението во отоманската провинција Македонија (поделена во три санџаци – Скопје, Битола и Солун), во период 1870-1912 година.
Меѓутоа, неговата современа содржина е обликувана веднаш по признавањето на независноста и сувереноста на Р. Македонија од страна на бугарската држава (16 јануари 1992), кога се призна македонската држава, но истовремено не се признава постоење македонска нација и македонски јазик?!
Основното тврдење на бугарската современа политичка елита, бугарската академија на науките и целокупната општествена свест во демократска Р. Бугарија е дека „….не постои македонски јазик и неговата кодифицирана јазична норма е само дел од дијалектниот континуитет на бугарскиот јазик“. Таквото апсурдно тврдење, кое трае веќе над сто и триесет години (со чесен исклучок во периодот 1945-1958), се засилува во бугарското општество со Декларацијата на БАН во декември 2019.
Истовремено, бугарската дипломатија лобира кај европските институции и земјите-членки во Унијата, за непризнавање на сите документи потпишани со нашата држава на македонски јазик, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Притоа се злоупотребува Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан на 1 август 2017, кој билатерално е потпишан помеѓу двете држави на јазиците согласно уставите на тогашна Р. Македонија и Р. Бугарија (формулација преземена од Декларацијата за решавање на јазичното прашање меѓу двете држави од 1999).
ПСЕВДОЛИНГВИСТИЧКА ТЕЗА
Теоријата за националните јазици на балканскиот простор, кој отсекогаш претставувал мултијазична и мултикултурна средина, е „ex definitio“ конфронтативна. Тезата за бугарскиот јазик како јазично наследство од Првото и Второто бугарско средновековно царство на географскиот простор Македонија, како „мајчин јазик“, кој словенското население на тој простор го пренесувало од „колено на колено“, и на тој начин ја обликувало својата јазична култура, е недијалектичка и псевдолингвистичка теза.
Во реалноста, јазиците живеат и се развиваат низ вековите, на начин кој на секоја генерација од одреден географски простор на Балканот, овозможува подобра меѓусебна јазична комуникација и пренесување информации со помош на „живиот збор“.
Говорниот јазик бил основното средство за јазично изразување и комуницирање во географската област Македонија, затоа што дури и пред крајот на 19 век, најмалку 80 отсто од населението на македонска територија било неписмено или слабо писмено (со три години елементарно школско образование), така што било невозможно да се совладаат и сродните словенски јазици – бугарскиот и српскиот, а за грчкиот и турскиот јазик дури не треба и да говориме!
Во период од средината на 9 век, сѐ до Балканските војни 1912-1913, поради чести обиди за завладување со областа Македонија, македонското население многупати било подложено на административно управување од средновековната византиска, бугарска, српска, нормано-латинска, епирска и отоманска држава.
Во такви услови, на толку чести промени на владетелите на македонската територија, немало можност малубројната управувачка елита од тие средновековни држави, во јазичната комуникација со многубројното македонско население да остави траен јазичен белег, кој би ја обликувал неговата јазична култура во средновековието.
Сосема природно, поради доминација на словенскиот елемент во областа Македонија, населението помеѓу себе јазично комуницирало на локални словенски дијалекти. Старословенскиот црковен јазик долго време бил во употреба во религиозните средновековни обреди, но со развојот на потребите за подобро меѓусебно разбирање кај македонското население, тој јазик станал неразбирлив во секојдневната народно-јазична комуникација, поради мултијазичната и мултикултурната средина.
ГЕНЕЗАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Од тие причини и започнува „десловенизацијата“ на локалните македонски дијалекти. Македонскиот јазик е на периферијата на словенскиот јазичен простор, при што природно се зачувуваат од една страна архаизмите од старо-балканските јазици, а, од друга страна, никнуваат интерференциски иновации со грчкиот, ароманскиот, албанскиот и турскиот јазик. Како „словенски јазици во допир“ -бугарскиот и српскиот јазик, исто така, имаат јазични интерференции со македонскиот јазик.
Во македонскиот јазичен свет, под „дијалект“ се подразбира локална, територијална разновидност на јазикот и јазичниот материјал што го проучува лингвистиката. Најверодостојна информација за македонскиот јазичен дијалектен комплекс нудат Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) и Европскиот лингвистички атлас (ЕЛА).
Во ОЛА графичката проекција на македонскиот јазичен простор е дополнета со научен теренски материјал во фонетска транскрипција, со што се дава оценка за позицијата на македонскиот дијалектен комплекс, се одредува степенот на неговата автономност и врските со други јазици.
ЕЛА овозможува информација за културната стратификација во Европа и местото на македонската култура во цивилизациско-културната поделба на европско тло. Идентитетот на македонскиот јазик преку лексичкиот инвентар и неговата семантичката димензија, како и неговиот културно-цивилизациски придонес на европско тло, е научно докажан и во Општословенскиот и во Европскиот лингвистички атлас.
Македонскиот научен јазичен материјал приложува доволно докази за генезата на македонскиот јазик, го одбележува неговото издвојување од прасловенската јазична заедница и развојот до степен на „кодифициран македонски словенски јазик“.
Клучна точка во јазичниот спор помеѓу двете држави е „кодификацијата“ (стандардизацијата) на двата јазика. Имено, кодификацијата на еден јазик означува создавање стандарди (јазични правила), кои сите членови на една јазична заедница треба да ги почитуваат, со цел да се избегне неправилна употреба на јазикот.
НАЦИОНАЛ-ШОВИНИСТИЧКИ МОТИВИ
Бугарскиот пристап во јазичниот спор со македонската држава се потпира на следните аргументи:
- Порано извршената кодификација на бугарскиот јазик (1878-1879 и неговата подоцнежна корекција во 1945);
- Изучување на бугарскиот јазик во црквите и школите на Бугарската егзархија во отоманската провинција Македонија – период од 1870 до 1912 година;
- Средновековното наследство на старо-словенскиот црковен јазик (кој што бугарската лингвистика, a од септември 2020 и бугарското собрание со декларација го именува како старо-бугарски јазик) на македонскиот географски простор.
Според бугарските лингвисти, овие аргументи се доволно јасни докази дека кодифицираната јазична норма на македонскиот јазик од 1945 година е „политичка конструкција“. Во тој контекст, македонскиот јазик за бугарската наука останува само дел од дијалектниот континуум на бугарскиот јазик.
Основен недостаток на таквата бугарска теза е фактот дека лингвистичката наука не се занимава со кодификацијата на јазиците, затоа што во конкретниот случај – македонскиот јазик, лингвистите го проучуваат како средство за изразување и комуницирање низ вековите на географскиот македонски простор, а не „со какво име ќе биде нарекуван кодифицираниот народен јазик“.
Така што, таквиот бугарски пристап има своја недијалектичка и политичка содржина со национал-шовинистички мотиви. Поради конфронтацијата со македонската лингвистичка наука, спорот станува нерешлив, особено во услови кога две суверени држави рамноправно преговараат за јазичниот проблем.
ТАТКОТО НА МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОПИС
Националната македонска идеја за посебноста на македонскиот јазик се оживотворува во еден долг историско-лингвистички континуитет, од средината на 19 век до денешни дни. Најјасни ставови за потребата од македонски народен говор се книжевните творби на Ѓорѓија Пулевски-„Четиријазичието“, „Тријазичието“, „Слогница Речовска“ и „Историјата на македонските словени“, печатени во период 1876-1882, каде што авторот дава самостоен несистематски преглед на балканските јазици од тој период и ја истакнува лексичко-граматичката посебност на македонскиот јазик, со анализирање на мијачкиот дијалект.
Најголем систематизиран научен придонес за промоција на македонскиот јазик дава филологот Крсте Петков Мисирков (таткото на македонскиот правопис) во неговото епско дело „За македонцките работи“ од 1903 година. Неговата филолошка анализа за научните основи на македонскиот јазик е темел на кој е „кодифициран“ (стандардизиран) македонскиот јазик во 1945 година.
Безмалку истовремено, Димитрија Чуповски во Санкт Петербург го формира Македонското научно-литературно другарство во 1902 година, а во 1913 и Словено-македонското национално просветно друштво- „Св.Кирил и Mетодиј“ и го издава весникот „Македонски глас“.
Војдан Чернодрински и неговата драма „Македонска крвава свадба“, печатена во 1900 година во Софија, е стремеж за литературен израз на македонскиот народен јазик. На неговиот гроб на гробиштата во Софија е одбележан како македонски писател! Литературните битови творби на Ристо Крле, Васил Иљоски и Антон Панов во периодот 1920-1940 година, пишувани на народен јазик, го продолжуваат народниот стремеж за сопствена јазична норма.
Великанот на македонската поезија и светски познат поет – Коста Солев Рацин, со неговата збирка песни – „Бели мугри“, печатена во 1939 во Самобор, Хрватска, без постоење на македонски кодифициран правопис, е највисока форма на кристално јасна самосвест за потребата да се пишува на македонски јазик.
МИСИРКОВИТЕ „БУКВИ“
Творбите на поетите од Македонскиот литературен кружок во Софија, основан во 1937 година – Венко Марковски, Ѓорѓи Абаџиев, Антон Попов, Коле Неделковски, Никола Јонков-Вапцаров претставуваат непобитен доказ за обидите да се докаже потребата од постоење македонски литературен јазик. Во таа смисла, делата на Венко Марковски – „Чудна е Македонија“ и на Антон Попов – „Бура над родината“, се најегземпларни сведоштва за нивните стремежи без правопис, да пишуваат на автентичен македонски народен јазик.
Издавањето на весникот „Македонија“ за време на бугарското присуство во Македонија 1941-1944, на бугарски и на народен јазик што го зборувало населението во Македонија, од бугарскиот издавач Стефан Генадиев Стефанов во 1943 и во 1944 година, е исто така несоборлив доказ за созреаноста на народните маси и нивната потреба од сопствен македонски народен јазик.
Службената преписка помеѓу воените македонски единици во Втората светска војна 1941-1945 година без правопис, но на основа на Мисирковите „букви“, исто така се напишани на народен македонски јазик.
Конечно, научните корифеи на македонската филологија – Конески, Кепески, Петрушевски, Илиевски, Видоески, Корубин… се дел од научниот европски придонес за развојот на јазиците на европско тло и во тој контекст на културно-цивилизацискиот и лингвистички придонес на македонскиот јазик во Општословенскиот и Европскиот атлас и неговата романизација (латинска транслитерација), заедно со српско-хрватскиот и словенечкиот јазик – како уставно дефинирани службени јазици во Југословенската федерација, со резолуција во ООН уште во дамнешните седумдесетти години од 20 век.
Само со разбирање на темните петна и светлите моменти од развојот на бугарскиот и македонскиот јазичен код ќе можеме да ги согледаме обединувачките и спротивставените тенденции околу издвојувањето на двата јазика од прасловенската јазична заедница и создавањето на бугарската и македонската кодифицирана јазична норма. За тоа е потребно меѓусебна почит и доверба. Но, пред сѐ, потребна е искреност и елиминирање на интерференцијата на политиката и национализмите од двете страни.
Претендирањето дека апсолутната вистина во јазичниот спор е на бугарска страна е опасна теза и не води кон позитивно решение на тој спор. Само со еден космополитски светоглед, базиран на примената на европски аксиоми, стандарди и искуства, може да се постигне научно верифицирано и праведно решение. Тоа решение на јазичниот проблем помеѓу двете држави ќе биде нашиот камен-темелник за изградба на подобри односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ!
Авторот е поранешен амбасадор на Р. Македонија во Софија