Иако освои најмногу гласови од публиката (12.621) за песна на Евровизија од Македонија, Виктор Апостоловски не успеа да победи во изборот, а на тој настан ќе не претставува Андреа со песната „Circles“.
И покрај таквиот исход на настаните, Апостоловски не е воопшто разочаран и верува во повеќе среќа во некоја наредна прилика.
„Реално, секој што се натпреварува за било што, сака да победи, особено кога се работи за нешто што го сака од дете. Меѓутоа воопшто не се чувствувам како да сум изгубил. Добив толкава поддршка од народот, песната веќе се врти насекаде дури и на евровизиското радио, така што јас сум среќен. Е сега ќе беше уште поубаво да можевме да ја изгазиме сцената во Торино и да направиме журка на наш начин, ама тоа е, повеќе среќа следниот пат“, кратко ни изјави Апостоловски.
Овогодинешниот Евросонг ќе се одржи во Торино, Италија од 10-ти до 14-ти мај, а Македонија ќе настапи на 12-ти мај во втората полуфинална вечер.
Јорданчо Цветаноски