Апелација ја зголеми на 17 години затворската казна за подведувачката на девојчето од „Ранка Милановиќ“ кое остана бремено

by fokus

Советот на судии во Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата поднесена од страна на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со изречената пресуда во предметот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје.

Станува збор за 12-годишно девојче кое било сексуално експлоатирано. Сега осудената Мајмире Дестанова  ја продавала по градови, во кафани и на таксисти и се заканувала и ја тепала, а организирала и присилен брак за девојчето.

Имено, во декември минатата година надлежниот јавен обвинител поднесе жалба, незадоволен од висината на изречената казна за кривично дело Трговија со дете со која тројцата обвинети, по признание на вина, беа осудени на казна затвор и тоа Дестанова во траење од 13 години, а Ерол Јашаров и Сезар Раимов, кои сексуално го злоставувале и малтретирале девојчето, добија по 12 години.

Иако првостепениот суд пресуди затворски казни за сторителите, јавниот обвинител ценеше дека при определување на висината на казната, судот ги преценил олеснителните околности, на сметка на отежителните, па казните по својата висина не се соодветни и не претставуваат адекватен општествен прекор упатен кон обвинетите.

Апелациониот суд Скопје, уважувајќи ја жалбата на обвинителството, ја преиначи првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на првообвинетата и изрече казна затвор во траење од 17 години, а другите две лица ги осуди на казна затвор во траење од по 14 години.

За настанот со штитеничката на Домот за деца „Ранка Милановиќ“ – Скопје обвинителството оформи предмет по допрен глас. Од прибраните докази во текот на истражната постапка се утврди дека во период од почетокот на декември 2017 година до 06.02.2018 година детето било жртва на трговија со луѓе, извршена од страна на осудените лица.

Поврзани новости