Апелација ја укина пресудата според која Шилегов требаше да и плати на Јанкулоска 8.130 евра

by fokus

Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 2 според која портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, требаше да и плати на екс министерката Гордана Јанкулоска 8.130 евра за наводно нарушување на нејзината чест и углед. Апелација одлучила да ја усвои жалбата на Шилегов, поднесена преку неговиот адвокат Филип Медарски и донесе одлука предметот да се врати на повторно судење.

Апелација одлуката за укинување на пресудата ја донела бидејќи според второстепениот суд не била утврдена клеветата, односно не било докажано дека тој клеветел.

-Имено, првостепениот суд да цени дали дадените изјави се вредносен суд на тужениот формиран како резултат на слобода на јавно изразување и мислење засновано врз основа на податоци добиени од соодветен извор или тужениот истите ги пласирал со цел да се иницира и насочи работата на надлежните органи во насока на утврдување на прашања од јавен интерес и предизвикување на јавни дебати и дискусии или, пак, истите ги злоупотребил со намера тенденциозно и со зла намера да се деградира личноста на тужителката и да се наштети на нејзиниот чест и углед, се наведува во одлуката на Апелација.

Исто, така, овој суд на Граѓанскиот суд му дава и други напатствија.

-Ако првостепениот суд евентуално најде дека има елементи на клевета, да утврди и дали воопшто и во која мера е нарушен угледот на тужителката која како јавна личност треба да покаже поголем степен на толеранција при соочување со критика, за да евентуално може да се смета дека има основ за надомест на штета, како и да ја цени материјалната положба на тужителот, се вели во одлуката.

Ова значи дека Шилегов и Јанкулоска повторно ќе треба да се соочат пред граѓанскиот суд, иако тоа не го сторија првиот пат, бидејќи министерката ниту еднаш не се појави во судница, а за нејзината душевна болка сведочеше изготвеното психијатриско вештачење.

Јанкулоска од Шилегов, пак, бараше 16.000 евра. Таа го тужеше Шилегов, кој на неколку прес коференции изнесе детали за нејзината имотна состојба и јавно ја праша како ги стекнала становите кои ги купила откако стапила на функцијата министер.

 

 

 

Поврзани новости