Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека Апелациониот суд Скопје, ја уважи жалбата на ова Јавно обвинителство, против решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое беше одбиено барањето за достава на копии од списи и електронски докази во предметот „Пуч“ и го укина решението на Судот.
-Во решението Апелациониот суд ги уважи сите жалбени наводи на ова Јавно обвинителство и констатира дека првостепениот суд немал валидна правна основа да спрема ова Јавно обвинителство, како овластен тужител во постапката, се повикува на обврската за чување класифицирани информации, бидејќи советот на Апелациониот суд е на мислење дека не постојат правни пречки бараните списи и докази да бидат доставени во фотокопија на ова Јавно обвинителство.
Советот на Апелациониот суд навел дека основано во жалбата се истакнува дека првостепениот суд при одлучување по барањето не ги ценел во доволна мера одредбите од Законот за класифицирани информации и Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, при што Советот на Апелациониот суд како оправдана ја оценил потребата да овластениот тужител да поседува примерок од бараните списи.