Апелација ја одби жалбата на СЈО и ја потврди условната казна за Ивона Талевска

by fokus

Апелациониот суд ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство во врска со пресудата во предметот „Тифани“, со која на новинарката Ивона Талевска и се досудува условна казна за даночно затајување. СЈО бараше затворска казна за обвинетата. Со ова Апелација ја потврди условната казна за Талевска.

Единствено има промена во однос на паричната казна. Според апелационите судии паричната казна која била изречена како споредна казна, требало  да биде изречена во евра со денарска против вредност, а не само во денари. Станува збор за казна од 1000 евра.

„Апелациониот суд Скопје, во врска со предметот познат во јавноста како „Тифани“, по одржана јавна седница донесе одлука со која ги  одби како неосновани жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Скопје, жалбата на обвинетата И. Т. од С. и жалбата на обвинетото правно лице  Друштво за маркетинг и пропаганда С. Г. ДООЕЛ С.. По повод жалбите, а по службена должност Апелациониот суд Скопје ја преиначи првостепената одлука заради правилна примена на Кривичниот законик во делот на изречената споредна парична казна во однос на валутата во која истата е изречена. Во останатиот дел првостепената пресуда по спроведената жалбена постапка, е потврдена“, соопштија од Апелација.

Талеска во рок од една година треба да плати 1.671.611 денари за персонален данок на доход кој не го плаќала, 1.145.900 денари даночни обврски од фирмата „Смарт центар“ ДООЕЛ која сега е во стечај, а фирмата „Смарт груп“ која е во сопственост на Талевска треба да плати 1.038.698 денари.

Поврзани новости