Апел за помош – потребни се 200 илјади евра за младиот Лео кој во несреќа го повредил рбетот

by fokus

Хуманитарната организација „Свети Спас“, општина Аеродром како и другарите и блиските на осумнаесетгодишниот Леонид упатија апел за помош до јавноста, откако тој на пред околу две недели доживеал тешка несреќа на летување во Калитеа Грција и не може да ги движи рацете и нозете.

-Нашето другарче Леонид пред две недели дружејќи се со нас, доживеа несреќен случај со тешка повреда на рбетниот столб. Како резултат на повредата не може да ги движи рацете и нозете. На Лео му беше извршена комплицирана операција, меѓутоа ќе требаат дополнителни финансиски средства за негово понатамошно лекување со цел повторно да може да се врати во училишните клупи и да се дружи со нас, се вели во објавата.

Како што објавува „Свети Спас“, Лео по несреќата во Грција е на интензивно лекување во болницата во Солун.

-Лео е талентиран млад човек, со неверојатни спортски и интелектуални способности. Со својот тим, тој го освои првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge. Тој е момче со само 18 години и срце полно со ентузијазам и желба за знаење. Неговите компјутерски вештини и научни истражувања се вистинска инспирација за сите негови врсници. За жал, во моментот тој е соочен со најголемата животна битка.

По несреќниот случај што му се случи пред неполн месец додека беше на летување во Калитеа, сега се наоѓа на одделот за интензивна нега во болница во Солун. Неговата состојба е критична. Има повреда на третиот, четвртиот и петтиот пршлен, поради што дише на апарати и не може да ги движи своите екстремитети. Храбро помина неколку хируршки зафати, но понатамошните медицински третмани и рехабилитација освен што од него ќе бараат многу сила, чинат и голема сума на финасиски средства. Драги добри луѓе, за оваа борба за животот на Леонид, потребни се 200.000 евра. Секоја мала или голема донација значи, апелираат од таму.

Донациите може да се направат со повик на телефонските броеви (100 денари од повик):

А1: 143 500

Телеком: 143 118

Или преку сметка:

Од Македонија: 210-7000006805-91 НЛБ БАНКА

Од странство: IBAN: MK07210501567799991

SWIFT: TUTNMK22

NLB BANKA AD SKOPJE

Поврзани новости