Петти случај на морбили во Македонија, ИЈЗ предупредува на опасност од нова епидемија

by irena 15:42
15:42

Во Македонија е потврден петти случај на морбили годинава, додека опфатот со вакцинација изнесува само 62 отсто. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, предупредува дека постои реална опасност од повторна епидемија на мали сипаници.

Последниот случај е регистриран кај дете на возраст од една и пол година. Меѓу петтемина заразени се три мали деца, 45-годишен маж и едно лице од Косово.

Андоновска посочува дека морбилите се исклучително заразни и дека дури и краток престој во затворен простор со заболено лице може да доведе до инфекција. Како дополнителен проблем ги издвојува дезинформациите на социјалните мрежи, кои ја намалуваат довербата во вакцинацијата.

Таа потсетува дека за време на епидемијата во 2018 и 2019 година, кога вакциналниот опфат бил повисок од сегашниот, биле хоспитализирани околу 800 лица, а четворица починале.

Загрижувачка е состојбата и во регионот. Во Косово се потврдени 242 случаи, од кои 230 биле невакцинирани, во Албанија се регистрирани 169 заболени, додека во Бугарија бројот достигнал 592 случаи.

Од Институтот за јавно здравје апелираат граѓаните да се информираат од проверени медицински извори и да ја почитуваат препорачаната вакцинација, бидејќи морбилите можат да предизвикаат сериозни компликации, особено кај невакцинираните лица.

Слични вести