„Дрекслмаер“ по 18 години затвора во Србија

by irena 17:05
17:05

Германската компанија „Дрекслмаер“, производител на кабелски сетови за автомобилската индустрија, ќе ја затвори фабриката во Зрењанин до крајот на март 2027 година. Во погонот моментално работат околу 1.100 лица, а во периодот на најголем обем на производство компанијата вработувала повеќе од 6.000 работници, објави српската агенција „Бета“.

Причината наведена во известувањето до вработените е неуспехот да се обезбеди нов производствен проект што би ја осигурил иднината на фабриката. Документот го потпишале раководителот на операциите за Источна Европа, Гвидо Мајнелт, и потпретседателот за човечки ресурси, Тобијас Афсали.

„За жал, не успеавме да обезбедиме нов проект за фабриката во Зрењанин“, се наведува во известувањето. Тековните проекти ќе завршат до крајот на јануари 2027 година, а целосното затворање е предвидено два месеца подоцна.

Постепеното намалување на производството до крајот на јануари ќе опфати 85 проценти од вработените. Тимот задолжен за завршните активности ќе продолжи со работа до затворањето на фабриката во март. Раководството соопштило дека ќе ги исполни преземените обврски за исплата на договорените отпремнини, согласно програмата за технолошки вишок и колективниот договор.

Фабриката почна со производство на 9 мај 2008 година, со 350 вработени и почетна инвестиција проценета на околу шест милиони евра. Првата хала имаше површина од 14.600 квадратни метри. Компанијата ги прошири капацитетите во 2012 година, а во 2016 година отвори и трета хала, додавајќи уште 13.000 квадратни метри производствен простор.

„Дрекслмаер“ со години беше најголем работодавач во Среден Банат. Индустрискиот синдикат на Србија најави дека ќе инсистира на почитување на колективниот договор и договорената социјална програма, истовремено поддржувајќи секоја можност погонот да продолжи со работа во некаква форма.

Слични вести