Кос со јасни услови за Македонија – уставните измени се клучот

by irena 15:37
15:37

Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на Северна Македонија констатира дека земјата бележи одредени позитивни резултати во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, но дека евроинтегративниот процес и понатаму е блокиран поради неусвојувањето на уставните измени.

Во документот се посочува дека корупцијата останува широко распространета, а борбата против неа не бележи напредок. Особено загрижуваат случаите на корупција на високо ниво, кои често се одложуваат и застаруваат, создавајќи впечаток на неказнивост. Ограничени резултати се забележани и во правосудството, додека политичката поларизација го забавува донесувањето на важните реформски закони.

Брисел повторно бара спроведување на договорите со Грција и Бугарија, нагласувајќи дека добрососедските односи остануваат важен дел од пристапниот процес. Во извештајот се наведува и дека историската комисија со Бугарија одржала четири состаноци, но без конкретни резултати.

Позитивни оценки земјата добива за спроведувањето на дел од реформските обврски, проширувањето на електронските услуги и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, при претставувањето на Пакетот за проширување за 2026 година порача дека условите за напредок се јасни и дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски за уставните измени.

Во Европскиот парламент се отвори и дебата за влијанието на билатералните спорови врз проширувањето. Известувачот за Македонија, Томас Вајц, побара поголем дипломатски ангажман од Европската комисија за надминување на спорот со Бугарија, додека бугарските европратеници инсистираа дека добрососедските односи се составен дел од пристапните критериуми.

Според оценката на Кос, Македонија е во групата земји кај кои процесот на пристапување бележи застој, заедно со Босна и Херцеговина и Косово. Како четири земји со најголем напредок се издвоени Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.

Слични вести