Странски експерти ќе го испитуваат случајот со Ива Михаилова, најави Клековски

by irena 16:53
16:53

Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе побара ангажирање експерти од странство за да се изврши независна ревизија на медицинската документација поврзана со случајот на Ива Михаилова, која замина во Бугарија додека против неа се води судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.

Според министерот, првичниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе е завршен, а во наредните денови ќе биде формирана посебна комисија која ќе ги разгледа прибраните документи и наодите од контролите.

Инспекцискиот надзор опфатил повеќе здравствени установи, меѓу кои Клиниката за неврологија, болниците во Кочани и Штип, како и уште една здравствена установа.

Клековски посочи дека поради чувствителноста на случајот смета дека е неопходно во ревизијата да бидат вклучени и стручни лица надвор од Македонија, со цел дополнително да се испита медицинската документација.

Во меѓувреме, по Михаилова е распишана меѓународна потерница, но бугарските власти одбија да ја екстрадираат, повикувајќи се на уставните ограничувања за предавање сопствени државјани на други земји.

Михаилова е обвинета за тешка сообраќајна несреќа што се случила на 7 октомври 2025 година, на патот Кочани – Штип, во која животот го загубил 33-годишен маж.

Слични вести