Апаратчињата за мерење шеќер се кинески играчки: Тодоров нека штеди, шеќерот ми се качи до 40, едвај останав жива

by Fokus

Не стивнуваат реакциите на 46.000 дијабетичари кои се на инсулин поради мерките на штедење што ги презема министерот за здравство Никола Тодоров, кој со последниот тендер на 25 октомври, годинава успеа да ја намали сумата за инсулинска терапија за вртоглави 6,5 милиони евра. Дел од нив го обвинуваат првиот човек во здравството дека штеди на нивното здравје, дека лекарите им ги менуваат инсулините и ги префрлаат од скапите (аналогни) на евтините (хумани) инсулини кои се носат од Турција, а апаратчињата за мерење на шеќер не се точни и се од кинеско потекло.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, од 2012 година досега дури двапати беа намалени милионски суми за набавка на инсулин, па така, во 2014 година тендерот изнесуваше 17,7 милиони евра, што е за 2,3 милиони евра помалку во споредба со тендерот од 2012 година, кој изнесуваше речиси 21 милион евра. По сличниот терк, министерот продолжи и при последниот тендер од 2016 година, па заштедата за него достигна вртоглави 6,5 милиони евра.

„Фокус“ во претходниот број објави текст во кој неколку пациенти ги раскажаа своите тажни приказни тврдејќи дека поради тоа што инсулините не се квалитетни и безбедни, повеќепати запаѓале во инсулинска кома, на некои инсулинската терапија воопшто не им дејствува, со што здравјето им е ставено на коцка.

Во нашата редакција пред два дена се обрати 46-годишната скопјанка Ивона Котеска, која веќе 17 години е дијабетичар и е ставена на инсулин. Таа тврди дека постојано и ја менуваат инсулинската терапија, за само министерот да заштеди и поради тоа, таа едвај останала жива.

– Шеќерот ми се искачи до 40, иако нормалната граница е само шест мерни единици. Инсулинот постојано го менуваат и секојдневно ми варира и доаѓа до 30. Не знам повеќе што да правам. Последниот пат едвај ме спасија. Поминав цела голгота и кога лекарите видоа колку ми е шеќерот се испаничија, викнаа Брза Помош и ме испратија на клиника. Ми направија ЕКГ, резултатите ми беа лоши, притисокот ми беше висок, а шеќерот не можеа ни да го измерат. На наш грб ли најдоа да штедат, да нѐ умрат ли сакаат – истакна Котеска.

Таа тврди дека додека министер за здравство бил Бујар Османи, барем имале квалитетни инсулини и апаратчиња за мерење на шеќер. Котеска обвинува дека откако на министерското столче седнал Тодоров тогаш почнале проблемите, ги намалил парите за набавка на квалитетни инсулини, а апаратчињата за мерење на шеќер се кинески и никогаш точно не мерат.

Тоа може да се забележи и на фотографијата каде се гледа апаратот за мерење на шеќер, а во позадина може да се прочита дека е произведен во Кина.

– Апаратчињата што ги користиме во последните неколку години се кинески и не мерат никогаш точно. Тоа е апарат за мерење шеќер, а не кинески играчки. Јас на дневна основа се боцкам петпати со инсулин. Скопскиот Клинички центар ги нема основните материјали за работа, немаат траки, немаат апарат за мерење притисок…Ако мериш притисок на едната рака ти покажува еден резултат, на другата друг резултат. Прстот ми е скршен, не смеам да го оперирам зошто имам многу висок шеќер. Да не направиме некоја белја, да мора да ми го ампутираат прстот или раката – тврди Котеска.

10311842_803652769698290_4522927603398208329_n

Таа додава дека и нејзиниот брат, исто така уште од три години е дијабетичар ставен на инсулин, но дека има многу здравствени проблеми и веќе четири години е  врзан за кревет и не може да стане.

– Јас му ги менувам пелените. Тој не може ништо сам. Врзан е за кревет и има неколку дијагнози. Јас се грижам за него цело време. Не сум вработена никаде, со што да живееме. Немам волја за ништо, изгубив волја за живот. Тодоров не е министер за здравство, туку само министер за сликање – вели Котеска.

Во Македонија има повеќе од 200.000 дијабетичари, од кои само 46.000 се на инсулин.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости