Антивакцинално здружение со 1.375 членови и 2.456 волонтери води агресивна битка против имунизацијата!

by Fokus

Здравствените власти пред два месеци прогласија епидемија на голема кашлица во Скопје, со што се вклучи црвениот аларм за тревога.

Пред само неколку години „букна“ и епидемијата со морбили, кога дел од родителите не дозволуваа нивните деца да се вакцинираат против мали сипаници бидејќи, според нив, тоа ќе им предизвика аутизам.

За да биде ситуацијата уште поопасна, во Македонија постои и антивакцинално Здружение на граѓани за заштита на човековите права „Од нас за нас“.

Иако, не се доволно познати во јавноста и за нив речиси воопшто не се пишува, сепак тие ниту се кријат, ниту, пак, имаат намера, како што велат да ја прекинат својата мисија, да се прекине со вакцинација.

Здружението има и своја официјална веб-страница и со само еден клик се отвора морбидна фотографија од вакцина, под која има цел текст – зошто е опасна имунизацијата.

Според објавените податоци, може да се забележи дека членовите на ова здружение посветиле доста внимание и труд, за да ги убедат граѓаните за, според нив, смртоносните последици од вакцините.

Па така, на самата веб-страница може да се сретнат повеќе од дваесет категории, како „вакцините и аутизмот“, вакцините и болестите“, „вакцините и имунитетот“, „марш за нашите деца“, „непобитни токсични состојки во вакцините против ХПВ“.

Неволја нè снајде, неволја нè спои. На судниот втори јануари 2019 година, кој ќе остане во нашите сеќавања, се осудија да ги обесправат најмалите, недолжните и весели и здрави деца.

 

Детската радост и смеа ја заменија со плач по другарчињата и учителките. Секој ден добивавме безброј прашања од тие мали усни, вперувајќи го погледот во нашите очи, очи во кои едвај ги криевме солзите.

 

Но, нè обединија нас, мајки, татковци, баби, дедовци, роднини на обесправени деца, околу исти цели. Се сплотивме во нивно име, за нивно добро, за нивно право. Се здруживме ентузијастички, желни да допреме до сите умови и срца. Заедно поставивме многу амбициозни проекти и задачи пред себе. И ги работиме, ние самите. А ги создаваме за нас, за сегашни и идни генерации.

 

По националност сме Македонци, Срби, Албанци, добредојдени се сите. По жителство – раширени низ цела Македонија. По едукација – нè има скоро од сите бранши. По политичка припадност – не се прашуваме, добредојден е секој со отворен ум. Сето ова е неважно во споредба со мисијата која ја имаме.

 

Една од задачите кои си ги поставивме беше формирање на здружение за заштита на човековите права. Уште едно. Колку сме повеќе, толку сме посилни.

Веруваме во мотото ВО ЗАЕДНИШТВОТО Е СИЛАТА. Си поставивме цели и задачи, направивме програма за остварување на истите. Се регистриравме“, се наведува на почетната страна на Здружението.

Според податоците објавени на нивната веб страница, Здружението е регистрирано на 4 јули, 2019 година, а како претседател фигурира извесна Гордана Гоџо.

Таа стана актуелна по протестите против вакцините пред две години, поточно во 2022 година, кога ги навредуваше медиумите и ги нарече платеници.

Гоџо воопшто не се крие и јавно ги споделува своите ставови, тврдејќи дека вакцините имаат штетни состојки, од кои произлегувале низа нус појави.

Податоците уште покажуваат дека Здружението брои 1.375 членови и 2.456 волонтери. Уште кога се оди на официјалната страница, може да се види како се станува член, поточно се плаќа 100 денари на месечно ниво по човек.

Од друга страна, министерот за здравство Илир Демири јавно се обврза дека ќе преземе мерки за да се утврди како е основано Здружението на антиваксери и по кој законски принцип функционира. Секоја изјава во медиумите, рече, треба да се проследи и да се види точно кој стои зад антиваксерските кампањи.

Како што најави, ако е потребно, ќе се донесат законски измени за казнување на лицата што ќе поттикнуваат кампањи против вакцинација.

Не знам каква е можноста законски да се нападнат тие, но ако има потреба, ќе влијаеме и во промена или додавање законски нормативи со кои ќе бидат казнети сите луѓе кои поттикнуваат некаква кампања против вакцинација – истакна Демири.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости