Дел од родителите чии деца оваа учебна година не се запишаа во прво одделение бидејќи немаат примено вакцини, поднесоа тужба во Управниот суд и кривични пријави против директори на две основни училишта од Скопје. Неформалната група „Здравјето на игла не влегува“ ги повикува на тужбата да се приклучат и други родители чии деца не се запишани во училиште бидејќи не се вакцинирани.
– За сите оние дечиња кои противзаконски останаа надвор од образовниот систем на државата денес, се покренува судска постапка пред надлежните судови на почеток за времена мерка, а после и приватни тужби до поединци од надлежните институции. Доколку сакате да учествувате во истата треба да го пополните полномошното (во 5 примероци) на сликата и да го испратите во посочената адвокатска канцеларија заедно со фотокопија од лична карта и 1.000 ден (за адвокатската услуга), се вели во повикот објавен на Фејсбук.
Адвокатот Звонко Давидовиќ кој е правен застапник на овие родители потврди дека до Управниот суд е поднесена една тужба од повеќе тужители како и две кривични пријави против директори. Директорите се од две основни скопски училишта.
-Според законот, основното обрзование е задолжително и затоа сметаме дека се кршат човечките права. Тоа што не е исполнет услов за запишување на децата во училиште може да има прекшочна пријава. Зарем во 21 век треба да создадеме единки кои не може да се описменат – вели Давидовиќ за „Фокус“.
Давидовиќ вели дека Министерството за здравство кое инсистираше на почитување на задолжителната вакцинација се меша во нешто што не е негова ингеренција.
Тој вели дека постои пресуда на Судот за човекови права во Стразбур каде поинаку се гледа на заштитата на човекови права.
-Многу прашања има тука што е јавниот интерес, што е приватниот интерес, а што е бизнисот со вакцини. Треба да се каже дека дел од училиштата ги примија децата, дел не. Тоа го покажува хаосот во кој се наоѓаме – вели Давидовиќ.
Откако беше прогласена епидемија на мали сипаници на територијата на цела држава и имаше неколку смртни случаи, беше донесена одлука да не се запишуваат во училиште и во градинка невакцинираните деца.