Мнозинство граѓани сметаат дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев би бил подобар иден премиер од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, покажува најновото испитување на јавното мислење на Агенција „Рејтинг“.
Според анкетираните, најважниот проблем со кој моментално се соочува земјава се ниските плати и животниот стандард, криминалот и корупцијата и невработеноста. На четврто место следат високите трошоци за живот, а веднаш потоа иселувањето на луѓето.
Притоа, 30 отсто од испитаниците одговориле дека со тој проблем подобро може да се справи Влада предводена од СДСМ, а 26 отсто рекле дека тоа е Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето: „Кој потег, активност или мерка превземена од Владата на СДСМ во изминатите две и пол години го сметате за најпозитивен?“, предничат покачувањето на платите, минималната и просечната, а потоа напредокот во Евроатланските интеграции. На трето место е зголемувањето на социјалната помош.
Во следниот сет на прашања агенцијата ја мерела перцепцијата на граѓаните за тоа дали Влада предводена од Зоран Заев или Влада предводена од Христијан Мицкоски би се справила подобро со различните проблеми и предизвици со кои се соочуваме како држава.
– Граѓаните во значително повисок процент сметаат дека СДСМ може да обезбеди побрзо членство на државата во ЕУ и НАТО и да осигура поголема слобода и демократија. Исто така,за 4% повеќе граѓани сметаат дека СДСМ може да обезбеди подобар економски стандард од ВМРО-ДПМНЕ и исто толкав процент повеќе, дека може да обезбеди поголема независност на судството. Во однос на другите мерени области нема значајни разлики во одговорите, односно ниту една од партиите нема значајна предност.Она што треба да се забележи е дека процентот на граѓани кои се изјасниле дека ниту Влада предводена од Заев ниту од Мицкоски може да го намали криминалот и корупцијата е значително висок, односно дури 44% од анкетираните се изјасниле вака, толкуваат од „Рејтинг“.
Мнозинството граѓани негативно ја оценуваат работата на техничките министри кои ги постави ВМРО-ДПМНЕ во Владата. На прашањето: „Како ја оценувате работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ во Владата?“ 44 отсто рекле дека нивната работа ја оценуваат негативно, додека 35 отсто рекле дека ја оценуваат позитивно. Еден од пет испитаника не знае или нема мислење за работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ.
Анкетата била спроведена на примерок од 1080 испитаници, од 18 до 29 Јануари со метод интервју лице в лице, а статистичката грешка изнесува од -3 до +3%.