Агенција Рејтинг и „Фокус“ реализираа истражување на репрезенттивен примерок на Град Скопје од 800 испитаници. Податоците се собрани по пат на интервју лице в лице во периодот од 18 до 23 септември. Статистичката грешка во рамки на општиот примерок е 3,46 проценти.
Главниот проблем со кој се соочуваат скопјани се се лошите патишта, улици и инфраструктирата во градот. За 17,2 отсто од анкетираните ова е главен проблем. На второ место е урбанистичкото планирање и уредување на градот за кое рекле дека е проблем 12,1 отсто, а на трето место загадувањето со 11,9 отсто. Високо на листата котираат и одржувањето на комуналната хигиена, недостаток на паркинг места и лошо шаркирани автомобили како и слабото одржување на зеленилото.
Повеќе од половина скопјани не се задоволни од работата на актуелниот градоначалник Коце Трајановски. На прашањето: Земено во целост, колку сте задоволни од работата на актуелниот градоначалник Коце Трајановски? – добиени се следните одговори: Многу или главно се задоволни 40,2 отсто, додека многу или главно се незадоволни 56,1 отсто.
Ова упатува на заклучокот дека Коце Трајановски има значително повисок процент незадоволни гласачи пред изборите на 15 октомври. Дали тие ќе излезат и ќе гласаат против Трајанвоски, односно Шилегов ќе успее да ги мобилизира останува да видиме до крајот на кампањата. Разликата е особено голема кај екстремните одговори односно многу задоволните наспроти оние кои воопшто не се задоволни. Многу задоволни од неговата работа се само 14,7 отсто додека многу незадоволни се 30,7 отсто.
Доколку утре се одржува првиот круг на гласање Шилегов би влегол во вториот круг со предност од 4 отсто. На прашањето: За кој од кандидатите би гласале во првиот круг ако изборите се одржуваат денес? – добиени се следните одговори.
Рејтинзите добиени на ова прашање упатуваат на тоа дека битката пред се ќе биде меѓу Шилегов и Трајановски, а останатите кандидати може да се надеваат на многу мал процент гласови. Како што се гледа во графиконот, Коце Трајановски заостанува 4,5 отсто позади Петре Шилегов. За Трајановски во прв круг би гласале 24,3 отсто од анкетираните додека за Шилегов 28,8 отсто. На трето место е Нафије Селмани од Беса со 3,8 отсто. Како неопределни се изјасниле 19,3 отсто од анкетираните што значи дека кампањата сеуште може да влијае кај голем дел од гласачите. Одбиле да одговорат 17,2 отсто од анкетираните.
Според овие податоци може да се очекува втор круг бидејќи со ваква изедначен распределба на гласовите за првите двајца кандидати, малку е веројатно да има победник во првиот круг. Затоа, го поставивме прашањето за кој би гласале ако во вториот круг, прашањето гласеше: „Доколку во вториот круг треба да бирате помеѓу Петре Шилегов и Коце Трајановски, за кој од нив двајца би гласале?“. Резултатите упатуваа на далеку посигурна победа на Шилегов во вториот круг, кој ќе ги собере најголем процент од гласачите на останатите кандидати и албанските гласови. Во евентуален втор круг, Шилегов би победил со 11 отсто разлика.
СДСМ би го имала мнозинството во советот на Град Скопје. Во истражувањето води со 6,8 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ. На трето место е БЕСА со 3,8 отсто а следува ДУИ со 3,6 отсто. Како и кај кандидатите, така за советот има значителен број на неопределени гласачи, 18,1 отсто сеуште не знаат за која партија ќе гласаат.
Податоците од оваа анкета упатуваат на заклучок дека битката во Скопје ќе биде неизвесна особено во првиот круг. Фактот што има значителен процент неопределени укажува дека кампањата ќе биде од голема важност за исходот, но големо влијание ќе има и излезноста кај етничките Албанци.