Етничките Албанци за разлика од етничките Македонци покажале поголемо познавање за НАТО алијансата во истражувањето на „НЕКСУС Граѓански концепт“, кое е изработено врз основа на анкета која ја спровела агенцијата М-Проспект со репрезентативен примерок од 1 000 испитаници направено по повод една година од членството на земјава во НАТО.
На првото прашање, колку добро ја познавате НАТО организацијата, истражувачите дошле до следниве одговори:
13,6% многу добро го познаваат НАТО;
40,3% доволно добро го познаваат НАТО;
33,2% малку го познаваат НАТО;
11,6% го познаваат НАТО само по името;
1,3% никогаш не слушнале за НАТО.
-Дистрибуцијата на одговори покажа дека мнозинството (40,3%) сметаат дека доволно добро ја познаваат, наспроти третина (33,2%) кои кажуваат дека малку ја познаваат. Додека пак, (13,6%) сметаат дека многу добро ја познаваат организацијата. Жените, за разлика од мажите, многу помалку ја познаваат организацијата. 39,2% од жените одговориле дека малку ја познаваат, додека овој одговор го дале 27,2% од мажите. Етничките Албанци, за разлика од етничките Македонци покажуваат поголемо познавање, односно 27,4% од етничките Албанци одговориле дека многу добро ја познаваат, наспроти 9% од етничките Македонци кои го дале истиот одговор. Се забележува дека оние со повисок степен на образование повеќе истакнуваат дека ја познаваат доволно добро, се вели во дел од истражувањето.