Дебата за ребалансот на Буџетот – за здрава економија или за сиромашни граѓани?

by fokus

За пратениците од владејачкото мнозинство ребалансот на буџетот ќе придонесе за здрава економија и здраво општество, додека според претставниците на опозицијата ребаланост само ќе ја зголемува сиромаштијата и ќе создава сиромашни граѓани. Ова беа поентите од попладневната дискусија на собраниската седница на која се дискутираше по дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2021 година.

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска оцени дека ребалансот е без приоритети, посочувајќи дека секоја година власта амбициозно тргнува со мегаломански буџети кои на крај ги ребалансира и „остварува едно големо ништо од проектите за граѓаните кои ги ветува“.

Пратеникот од Алијансата за Албанците, Елми Азири истакна дека не ги разбира принципите со кои е направена распределбата на средствата, која според него е со „отсуство на чувство за потребата на граѓаните“. Тој додаде дека нивните забелешки се за структурата на капиталните расходи.

– Има 150 проценти пораст на буџетската ставка купување на мебел, имаме пораст на стоки и услуги имаме пораст на договорни услуги, значи овде е нашата загриженост. Имаме непродуктивни расходи, имаме расходи со непродуктивни критериуми. Ако се впуштиме во структурата на јавните расходи во однос на капиталните инвестиции во одредени министерства, ќе видиме дека ова што го велам јас се докажува, потенцираше Азири.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, рече дека капиталните инвестиции воглавно се зголемуваат во буџетската структура и стигнуваат до 11,1 процент за разлика од претходните девет години кога биле 9,5 проценти. Ако се споредиме со другите години, како што рече тој, реализацијата на капиталните инвестиции била отприлика 55, 60, 70 проценти, а оваа година се реализирани 81 процент.

Тој, во неговото експозе наведе дека предложениот ребаланс на Буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети.

Бесими нагласи дека здравјето на граѓаните, здравата економија, како и здрави финансии и општество воопшто остануваат клучни приоритети за оваа година.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари или се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 отсто, повисоки во однос на планот, а планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Во ребалансот е предвидено да има раст на приходите од 4,7 отсто или за околу 10 милијарди денари, повеќе средства за капитални расходи за 24 отсто, како и дополнителни средства за мерките за поддршка на домаќинствата и стопанството, за здравството и за процесот на имунизација на населението, зголемена поддршка на земјоделството и социјално ранливите категории.

Седницата продолжува утре.

Поврзани новости