Анкета: Би се вакцинирале 50% од граѓаните, најголем дел ја преферираат „Фајзер“, а само 3% се одлучиле за „АстраЗенека“

by fokus

Педесет проценти од граѓаните изјавиле дека би се вакцинирале, додека 34 отсто од испитаниците одговориле дека не би се вакцинирале, од друга страна 16 отсто од граѓаните сè уште се двоумат, покажуваат резултатите од анкетата, која ја спроведе Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) во рамки на Програмата за парламентарна поддршка.

Прашањата за вакцините се дел од теренската анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието, која Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ја спроведе во периодот од 17 февруари до 10 март 2021 година на примерок од 1010 испитаници, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Најголем дел од граѓаните, според анкетата, вкупно 39 отсто ја преферираат вакцината на Фајзер, додека втора по ред е вакцината Спутник В со 21 отсто. Малку преферирани се вакцините Синофарм, која ја преферираат 6 отсто од граѓаните, потоа е Модерна, која ја преферираат 5 проценти од граѓаните, додека најмалку преферирана вакцина е Астра Зенека, за која се определиле само 3 отсто од граѓаните. Дваесет и седум проценти од граѓаните не знаат или немаат одгoвор за тоа која вакцина ја преферираат.

Дел од генералните заклучоци во анкетата, на страна од актуелната ситуација со Ковид – 19, а во однос на работата на Собранието, беа дека граѓаните бараат веб-страната на Собранието да биде поинтерактивна и да имаат можност да комуницираат со пратениците. Сметаат дека информациите од медиумите им се доволни и истите најмногу ги восприемаат преку телевизија. Од пратениците повеќе сакаат јавни лични средби.

Проектот, финансиран од Швајцарска амбасада, се спроведува од страна на Националниот демократски институт, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Центарот за управување со промени. Целосните резултати од теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија можете да ги погледнете на овој линк.

Поврзани новости