„Анима мунди“ остро реагира поради „чистката на чавките“ во Прилеп

by Фокус

Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ денеска остро реагираше на вчерашната акцијата за „чистење на чавките“ од Прилеп.

– Шокирани сме за дивјаштвото кое дознавме преку локален портал кој информира дека во тек на вчерашниот ден се убиени голем број птици и бараме итно да се запре ова крвопролитие врз интелигентни, социјализирани и мирни битија (а не агресивни птици како што наведува порталот) кое ќе остави крвава дамка на репутацијата на градот. Инсистираме на итни санкции за сторителите и казни зашто истите не само што масакрирале птици, туку ја загрозиле безбедноста на жителите на Прилеп! Куршумот не бира кого убива! – реагира „Анима мунди“.

Здружението потенцира дека не живееме во примитивно општество туку во 21-от век и дека ваков чин секаде во Европа би бил најстрого осуден.

– Ваквите чистки се срам за градот, срам за државата и мора да запрат! Чавката не е, цитираме, „птица која навестува зло, штета, елементарна непогода, смрт“, туку живо битие кое е неопходно во природниот еко-систем, интелигентна и урбана птица која оформува силни социјални врски во своето семејство, а не кобник! Бараме итно градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески јавно да се огради и го осуди ваквиот чин, како и да се казнат сите сторители, кои убивале животни и ја загрозиле јавната безбедност – велат од асоцијацијата.

Оттаму бараат Агенцијата за храна и ветеринарство, Секторот за заштита на животните и пред сѐ Директорот на Агенцијата, Зоран Поповски да ги дознаат учесниците, сторителите и оние кои ја осмислиле оваа, според нив, монструозна акција и да нидат казнети.

– Се обраќаме и до Министерството за внатрешни работи, министерката Гордана Јанкулоска со барање да се покрене кривична постапка за сторителите бидејќи истите го прекршиле Кривичниот Законик и предизвикале јавна опасност – велат од Анима мунди.

Поврзани новости