Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ во пресрет на парламентарните избори побара новата власт да почне процес за затворање на зоолошките градини, кои според нив се непрофитабилни, скапи, несоодветни и неповолни, декадентни и неетички, како за едукација така и за забава.
Освен ова барање, Здружението бара и воведување на т.н. Служба за заштита на животните која би се занимавала со едукација на населението, потоа превенција, евиденција, санкција за злоставување, занемарување и напуштање на животните.
-Бараме најстрого да да се ограничи и контролира слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и со чија примена силно се загрозува и безбедноста на граѓаните. Бараме да се адаптираат/изградат адекватни паркови за шетање на миленици и дружење на граѓаните, љубители на животни. Да се овозможи простор за погребување домашни миленичици и на тој начин да бидат помогнати сите оние граѓани кои го загубиле својот миленик. Притоа ќе примениме мерки за надминување на сериозен комунален проблем, ќе превенираме изградба на диви гробишта или во недостиг на избор, фрлање на мртви животни во контејнерите, бараат од Анима Мунди.