Владата размислува за мерката за замрзнување на придонесите на работниците во текстилната и кожарската индустрија. Ова денеска го најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината „Перспективите на македонската економија преку членство во НАТО и ЕУ“, во организација на Стопанската комора на Македонија.
Пред работодавачите од Штип и од источниот регион тој појасни дека подолго време разговарале и правеле анализи со претставниците на текстилните и кожарските компании, кои се најзагрозени од светската конкуренција.
– Размислуваме како да обезбедиме од една страна да растат нето платите на вработените, а од друга страна да нема негативен ефект врз буџетот, а со самото тоа да се обезбеди опстанување на овие компании и нивна конкурентноста на светските пазари. Една од тие мерки е и можноста да се замрзнат придонесите за овие две индустрии, а притоа тие да ги растат нето платите. Нормално тука не станува збор за персоналниот данок, тој и понатаму ќе остане, бидејќи е на персоналните примања. Додека сите останати придонеси би можеле да размислиме да ги замрзнеме. Тоа неколку пати премиерот го спомнуваше, како опција. Размислуваме сериозно во тој правец и доколку сите се усогласиме и во Владата и во стопанството дека е тоа мерка што ќе даде резултат. Јас лично ќе бидам поддржувач на таа мерка, истакна Анѓушев.
Вицепремерот посочи доколку постојат усогласени ставови за оваа мерка, во тој случај таа би почнала да се применува од следната година.
Според него, голем дел од стопанствениците се, како што рече, исклучително поддржувачки настроени за референдумското прашање, заради иднината која ја нудат ЕУ и НАТО Алијансата.
– Стопанствениците изразија задоволство во делот на Законот за финансиска поддршка, поддршката и изедначувањето на критериумите за македонските и странските компании, за транспарентноста на тие мерки. Но, исто така отворивме и прашања што не се решени, а тоа е пред се прашањето на кадарот, бирократијата, прашањето на останатите административни и бирократски пречки што ги има економијата, рече Анѓушев.
Тој истакна дека токму на овие прашање ќе работат наредната година, а посебно во делот на образованието, квалификуваниот кадар. Смета дека бирократските бариери се уште постојат и во овој дел државата треба сериозно да работи. Анѓушев забележа дека мора да се работи и на подобрување на продуктивноста на македонските компании.
– Токму тука државата, Владата ќе бидат партнери на економијата во тој дел. Законот за финансиска поддршка на инвестиции се само еден дел од тие мерки. Последните недели промовираме мерка за практикантство, со кое сакаме да ги решаваме и да направиме прв чекор со решавање на кадрите. Размислуваме за мерка која се вика „Шанса за сите“, која е за преквалификација на кадрите, рече Анѓушев. Додаде дека мерката „Шанса за сите“ оди во прилог на невработените, но и на економијата.
Штипските стопанственици побараа и да се укине банкарската гаранција за царините и укинување на одредени бирократски процедури при извоз на стоката.