Почесните конзули преку својата економска дипломатија може да помогнат во привлекување кредибилни инвеститори во обновливи извори на енергија, фотоволтаици, гасоводна дистрибутивна мрежа, голем откупен центар на земјоделски производи, како и компании кои вработуваат високо технолошки кадри за задржување на младите и извезување на готови производи.
Ова го порача вицепремиерот задолжен за економски прашања и за координација на економските ресори Кочо Анѓушев зборувајќи за можностите за поефикасно спроведување на економската дипломатија од страна на почесните конзули во делот на индустријата и странските инвестиции, во рамки на дводневната конференција на почесни конзули на Република Северна Македонија акредитирани во странство.
Анѓушев пред дипломатите ги објасни измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и можностите на програмата за добивање на финансиска помош од државата.
– По овој закон имаме потпишано 30 договори со компании од САД, Германија, Швајцарија и други развиени земји, кои препознале дека нашите услови се конкурентни во регионот, рече Анѓушев.
Тој посочи дека програмата важи за сите инвеститори и внатре и надвор од индустриските зони и дека секоја направена инвестиција може да конкурира за поврат до 10 проценти или еден милион евра од инвестицијата, како и за поврат од 30 процент на инвестицијата во развоен центар.
– Се градат голем број компании како резултат на поддршката. Сите сектори се важни, но ако направиме анализа, растот на БДП е врз растот на индустриското производство. Очекуваме овој тренд на раст да продолжи. Ние проектираме раст од над три проценти. Имаме сериозен раст на бруто инвестициите и растот на економијата во моментот е генериран од приватниот сектор и индустријата, изјави Анѓушев.
Наш таргет, нагласи тој, не се инвеститори кои ќе бараат евтина работна сила, туку компании кои се од повисок степен на технолошки развој.
– Не е важно да вработуваат по четири пет илјади работници, поважно е да вработуваат високо технолошки кадар и да бидат со 300, 400, 500 вработени, каде дозволуваат платите да бидат над просекот во државата. Целта е да ги задржиме младите. Наместо да извезуваме луѓе во другите држави, ние да извезуваме готов производ, изјави Анѓушев.
Освен привлекување инвестции, важно е и промоција на нашите домашни компании да ги освојат и успеат на странските пазари.
– Земјоделските производи во нашата држава се конкурентни, но проблем е што нема голем организиран откупен центар. Доколку можете би било добро да има иницијатива од ваша страна за некој средно голем синџир маркети, што ќе направи откупен центар, изјави Анѓушев.
По официјалниот дел на конференцијата, почесните конзули ќе имаат работна посета на Технолошката индустриска развојна зона во Бунарџик, како и посета на градовите Штип, Струмица и Кавадарци, со цел запознавање со проектите и капацитетите за инвестиции и соработка кои ги нудат овие градови.
Конференцијата со почесните конзули е во рамките на активностите за поефикасно реализирање на целите на економската дипломатија на Министерството за надворешни работи и има за цел да се воспостави подобра комуникација и координација на Почесните конзули со институциите во Република Македонија, како и да се запознаат со економските политики на земјата, особено во делот на зајакнување на економската и трговската соработка со странските држави.