Ангеловска: Буџетот за 2020-та е реален

by fokus

Буџетот 2020 носи мото „Инвестираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само посреќни и помотивирани на нивните работни места можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома.

Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска почнувајќи го образложението на Дополнетиот предлог буџет за 2020 година пред пратеници.

Таа додаде дека во таа насока буџетот 2020 година е сериозно насочен кон основните три столба за негов развој, ќе се инвестира во подобро здравство, подобро образование, подобра социјална грижа и воопшто подобри услови за живот на сите граѓани.

-Должни сме како како Влада да се фокусираме на овие клучни области бидејќи Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува само 0,53, што значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 отсто од својот потенцијал, согласно условите кои им се обезбедуваат, додека во развиените земји тој индекс изнесува над 75 отсто дури 80 отсто што значи толку е потенцијалната продуктуивност. Затоа, во Предлог-буџетот за 2020 година издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита, рече министерката.

Тоа, појасни, е затоа што сакаме најдобрите лекари и медицински персонал да бидат во јавното здравство, сакаме квалитетни идни генерации и знаеме дека за тоа е предуслов квалитетното образование за секое дете и сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните.

Ангеловска оцени дека за работната сила да биде попродуктивна како и да се подобри животниот стандад на севкупното население, потребни се и инвестиции во физичкиот капитал, односно опрема и инфраструктура.

– Верувам дека и вам ви е повеќе од јасна потребата и целта на овој Предлог-буџет, столбовите кои ги поставува и насоките кои ги трасира. Ова е само првиот чекор – во Владата се дискутира за Национална стратегија за развој на човечкиот капитал која ќе има за цел да го зголеми потенцијалот на идните генерации во нашата земја. Со ова, ќе обезбедиме континуирано инвестирање во човечкиот капитал, затоа што се зависи од луѓето, колку брзо или бавно ќе се движи нашата земја зависи пред се од луѓето – од нашиот потенцијал, ментален склоп, знаење и волја, истакна министерката.

Буџетот за 2020 година, според неа, обезбедува целосна рамнотежа помеѓу економската ефикасност и социјалната правда. Тој интегрира иницијативи насочени кон процесот на развој преку сериозни инвестициони вложувања.

-Пред вас денеска претставувам реален буџет, кој ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати. Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а  кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети, потенцира Ангеловска.

Поврзани новости