Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во интервју за „Вечер“, тврди дека сите банки во Македонија се стабилни и дека нема опасност од нивно затворање како што беше случај со „Еуростандард банка“.
-Прво, сакам да нагласам дека не постои централна банка која сака да донесе или лесно носи решение за одземање на дозволата за основање и работење на банка. Тоа е тешка одлука, која следува по детални супервизорски оцени и анализи и откако сите алтернативни решенија кои значат подобар исход се исцрпени. Заради потребата од резервација за еден поголем дел од кредитните пласмани, сопствениците на Банката имаа преземено обврска за докапитализација на Банката во првата половина на оваа година, над уплатата од 11 милиони евра во текот на 2019 година со која покажаа одредена респонзивност со зголемување на капиталот на Банката што беше клучно за одржување на минималните законски барања. За жал, сопствениците не го обезбедија потребниот капитал за првата половина од оваа година, ниту обезбедија издржано и реално решение за пренесување на сопственоста на инвеститор. Неисполнувањето на обврската за докапитализација заедно со поголемите загуби доведе до несолвентност на банката – вели Бежоска.
Таа објаснува дека после максимални напори да се изнајде поповолно решение преку интензивна комуникација со сопствениците и со потенцијалниот инвеститор, презеле непопуларна мерка за затворање со цел, како што вели, да се заштитат и клиентите на „Еуростандард“ и на другите банки.
-Сите други банки се сигурни и стабилни, односно сигурен и стабилен е севкупниот банкарски систем, во чија вкупна актива „Еуростандард банка“ учествуваше само со 1,3 отсто. Како што истакнав и неодамна, „Еуростандард банка“ е изолиран случај, кој нема да влијае на другите банки. Најновите расположливи податоци покажуваат дека банките, и покрај зголемената неизвесност во глобалната и домашната економија, остварија солидни резултати, кои се и подобри споредено со податоците од крајот на март кога ковид-кризата сѐ уште не беше посилно присутна во македонската економија. Kапиталот на банките и дополнително зајакна, како резултат на задржување на најголемиот дел од нивните добивки за зголемување на нивниот капитал – рече гувернерката на НБРМ.