Во војната во 2001 година изгубивме сите. Изгубија сите македонски граѓани. Изгуби Македонија. Но најмногу изгубија тие кои ги загубија своите блиски, изјави лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов, на денот кога во 2001 година беа масакрирани осумтемина припадници на МВР и на АРМ меѓу селата Селце и Вејце.
-Од овде, од местото на кое во 2001-та беа убиени нашите соборци, нашите другари, нашите браќа по оружје, повикувам, да не се повтори! Никогаш да не се повтори неизвесноста и пеколот низ кој поминавме ние, македонските бранители. Никогаш да не се повтори неизвесноста и пеколот низ кој помина нашата татковина. Но, во духот на нашата вера, во духот на Христијанството, на овој голем ден, на Велигден, посакувам конечно помирување и траен мир. Помирување помеѓу нас кои се боревме во 2001-та, помирување помеѓу Македонците и Албанците, но и помирување помеѓу нас Македонците – рече Ангелов.
Инаку, кај Вејце загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Кире Костадиновски (24) и Бошко Најдовски (24), сите од Битола.