Ване Бошев, малиот планинар: Годинава го освојувам Балканот, а во иднина продолжувам кон Европа и светот!

by Фокус

Ване Бошев од Неготино, момчето вљубеник во планините кое зад себе со свои 11 години има освоено стотици планински врвови, деновиве се подготвува за нови подвизи. Тој вели дека од 30-ти мај до четврти јуни го чекаат четири нови предизвици – Магаро на Галичица, Црн камен на Јабланица, Боботов кук на Дурмитор во Црна Гора и Коца Балкан во Косово.

-За новите подвизи се подготвувам со мешовита петчлена експедиција, со искусни планинарски водичи од Неготино, Охрид и Кочани. Пред освојувањето на овие врвови, на 12-ти овој месец ќе го искачам Пелистер, од кај Нижополе, Дебел рид, Големо Езеро до планинарскиот дом, а наредниот ден преку Широко стапало е предвидено да стигнам до Пелистер. Оваа година ми е доста активна и имав предвидено да освојам 18 врвови во нашата земја и на Балканот, од кои веќе се искачив на пет – раскажува шестоодделенецот.

Тој започнал да покажува љубов кон планините уште од најрано детство и заедно со неговиот татко Орданчо Бошев, кој исто така е планинар, со неполни шест години веќе се имал искачено на десетици врвови. Тој вели дека се чувствува подготвен да започне со освојување и на повисоки врвови, но сепак ја почитувал одлуката на Јовица Угриновски, кој е на чело на Фдерацијата на планинари.

-Јас се чувствувам спремен за поголеми висини, но сепак ја почитувам одлуката на мојот медицински тим и секако на претседателот на Федерацијата на планинари Јовица Угриновски. Затоа, годинава останувам посветен на искачувањето на Балканските врвови, а во иднина се надевам дека ќе ги освојам и светските височини – вели малиот Ване.

Вики Клинчарова

Поврзани новости