Андреј ќе го освојува Балканот со песни од Тоше

by fokus

 

Младиот поп пејач Андреј Дориќ од Нови Сад, кој што е познат како двојник на легендарниот Тоше Проески, и за кого што ,,Фокус’’ пишуваше лани, ќе го освојува регионот со музика. Тој веќе е дел од музичкото шоу ,,Пинк ѕвезди’’ и влезе во четвртиот круг, а посебно бил горд што од жирито добил комплименти, но и коментари дека доста ги потсетува на Проески.

,,Започнав да се занимавам со музика уште од мали нозе, се запишав во средно музичко училиште, отсек соло пеење. Сите споредби со мојот музички идол Тоше секогаш ги доживував како драгоцени, бидејќи отсекогаш го почитував и ја сакав неговата музика и харизма. Бидејќи решив професионално да се занимавам со музика, се пријавив во шоуто ,,Пинк ѕвезди’’ и драго ми е што публиката ме прифати, веќе сум во четвртиот круг. Кога на минатиот настап отпеав песна од ,,Парни ваљак’’ добив доста комплименти, но и споредби на мојата боја на глас со гласот на Тоше, знаев дека не можам да побегнам од судбината. Не пеев негова песна, а споредбите пак се појавија… Ме споредуваат со него, и јасно ми е дека така ќе биде и во иднина. На моите наредни појавувања во шоуто планирам да настапувам со песни од Тоше, но не затоа што сакам да го заменам, туку од почит кон него и неговото дело. Морам да кажам дека тоа е едно тешко бреме за секој пејач кој што допрва сака да се докаже и да си отвори сопствен пат, да стане сам по себе познат. Знам дека има луѓе кои што коментираат дека сакам да бидам негова копија, но вистината е дека јас живеам за музиката и сакам да ја изградам мојата кариера со моето име’’ – вели Дориќ.

За него и неговата сличност со Проески ,,Фокус,, пишуваше минатата година, а сторијата беше превземена од десетици познати медиуми од регионот. Тогаш Андреј ни кажа дека сака да го освои македонскиот музички пазар и дека бара менаџер од Македонија. Тој веќе има настапувано пред нашата публика, на ,,Охрид Фест’’ во 2012 година, со песната ,,Ладна, безобразна’’ и го освои третото место од публика и жири комисија.

Веќе снимил десеттина песни и често има настапи по локали во Србија, а вели дека би бил среќен кога и во Македонија би добил понуди за гостувања.

Вики Клинчарова

Поврзани новости