Андреевски доби уште еден тендер од „Струмица-Гас“ како единствен понудувач: Само мојата фирма има соодветна опрема

by Фокус

Струмичкото јавно претпријатие за енергетски дејности „Струмица-Гас“ неодамна склучи уште еден договор за набавка на природен гас со семејната компанија на поранешниот советник за енергетика на премиерот Зоран Заев и актуелен претседател на Комисијата за енергетика на СДСМ, Митко Андреевски – „Си Ен Џи Системс“, која на сите тендерски постапки на струмичкото јавно претпријатие досега настапила како единствен учесник, без конкуренција.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Струмица-Гас“ и „Си Ен Џи Системс“ склучиле договор со времетраење од една година во износ од 27,7 милиони денари, меѓутоа оваа сума не мора да се исцрпи од целост. Имено, во договорот меѓу двете страни стои дека договорниот орган не презема обврска за набавка на целокупните количини,  туку тоа ќе се врши сукцесивно, во согласност со реалните потреби. Покрај тоа, цената на чинење не е фиксна за целото времетраење на договорот.

„Цената за природен гас е променлива и не е регулирана од Регулаторна комисија за енергетика, туку е берзанска и се формира слободно во кореалација со движењето на цените на светскиот пазар на природен гас и се продава на станици за компримирање на природен гас, согласно ценовникот за формирање на малопродажна цена на понудувачот на денот на преземање. Цената ќе се утврдува на секои 30 дена“, се наведува во договорот.

Официјалните податоци покажуваат дека овој тендер е успешно спроведен по третпат, откако претходно двапати бил поништен. Прво, тендерската постапка е поништена во април, а потоа и во јуни оваа 2020 година, со образложение дека не е поднесена ниту една прифатлива понуда. Како што не информираа од ЈП „Струмица-Гас“, на сите 3 тендерски постапки се јавила само компанијата „Си Ен Џи Системс“, но во првите два наврати не ги доставила потребните документи согласно тендерската документација.

Поточно, според претпријатието, првата постапка била поништена бидејќи компанијата не доставила комплетна понуда, односно недостигале потврди за изречена забрана за привремено вршење на одделна дејност и за забрана на вршење на професија, дејност или должност на физичко лице, како и изјава дека на првите луѓе на компанијата не биле правосилно осудени за злосторничко здружување, корупција и сл. Втората постапка, пак, била поништена поради формални недостатоци на финансиската понуда.

„Износите во првата и втората поништена понуда беа исти и изнесуваа 26.754.000 денари без ДДВ, додека понудата во третата повторена постапка која заврши со договор изнесува 23.550.000 без ДДВ. Договорот со компанијата склучен во март 2018 година со времетраење од две години беше продолжуван двапати од причина што постапките за јавна набавка беа поништени, а ние како претпријатие имаме обврска кон нашите корисници за непрекинато снабдување со природен гас“, велат од „Струмица-Гас“.

Според Ценралниот регистар, компанијата „Си Ен Џи Системс“ е основана на средината на 2011 година со основна дејност-инсталирање на индустриски машини и опрема. Сопственик на компанијата е сопругата на Адреевски, додека тој од 2013 година досега е управител на друштвото со седиште во скопска Кисела Вода. Како што е познато, тој подолго време ја води Комисијата за енергетика на СДСМ, а извесен период му беше и советник за енергетика на Заев без надомест.

Инаку, системот за дистрибуција на природен гас во Струмица е изграден и пуштен во употреба во периодот 2011-2012 година, токму кога е формирана компанијата „Си Ен Џи Системс“. Како што вели Андреевски, тој не учествувал во изградбата на овој проект, но оттогаш до денес неговата семејна компанија е снабдувач на „Струмица-Гас“ како единствена компанија која, како што истакнува, има техника и искуство за вакви проекти во земјава. Според него, во случајов нема судир на интереси.

-Градот Струмица се снабдува со природен гас на неконвенционален нацин, т.е со ЦНГ (compressing natural gas) и за таков вид на гасификација потребна e специjализирана опрема. Од 2012 година, мојата компанија ја снабдува Струмица со ЦНГ како единствена компанија која има техника и искуство за вакви проекти во нашата земја. Тогаш не сум бил советник на премиерот, ниту пак денес има некаков судир на интерес и влијание. Да го поставиме вака прашањето: Што доколку SNH Systems не се појавеше на тендер и градот Струмица останеше без снабдуваше со природен гас? – вели Андреевски.

Тој додава дека придобивките од гасификацијата се еколошки, но и економско-финансиски, бидејќи, според него, заштетата при потрошувачката е на ниво од 60-67 проценти во споредба со употреба на други енергенси. Во однос на прашањето зошто само тој долги години е единствен учесник на овие тендерски постапки, Андреевски вели други компаниите не поседуваат опрема за ваков тип на снабдување. Единствено, посочува тој, од скоро ваква опрема поседува „Макпетрол“, но таа не се јавила на последниот тендер.

За појаснување, до Струмица нема изградено државен цефководен систем за пренос на пренос на гас, па струмичкото јавно претпријатие од 2012 година функционира преку таканаречен виртуелен гасовод, при што транспорт на гас со камиони со метални резервоари за компририран природен гас. Тоа подразбира идентификација на блиска локација со пристап до природен гас, компримирање на гасот на висок притисок до 250 бари и камионски транспорт до станицата за декомпресија. Таму се врши симнување на притисокот на гасот од 250 на 4 бари, колку што е работен притисок.

Влатко Стојановски

Поврзани новости