Андов: Граѓаните инсистираа на своја држава

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски со орден „8 Септември“ денеска ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието на Република Македонија во мандатниот период од 1990 до 1994 година.

Имајќи ја предвид пандемијата со Ковид-19, претседателот Пендаровски орденот „8 Септември“ му го врачи во неговиот дом. Во видеото Андов нагласува дека граѓаните сакале своја држава и дека тие во Собранието ги застапувале нивните барања и потреби.

-Одлично беше затоа што сепак народот да се изјасни. Ние ја немаме таа сила. Нас не избрале како пратеници ама за обичните работи, нормалните работи во Собранието. Не не избрале да донесеме таква државна одлука без да го прашаме народот, вели Андов на средбата со Пендаровски, снимена во дворот на неговата семејна куќа. Граѓаните, вели тој, сакаа, инсистираа на своја држава.

Според Андов, Преспанскиот договор завршил клучна работа, а исто така и Договорот со Бугарија.

-Тоа е одличен договор. Јазик и ова и она, таму не е проблем, и не може да биде проблем. Ништо од тоа не е проблем. Јас мислам дека ние на добар пат сме.

На настанот се обрати и Никола Стојановски, прв претседавач со конститутивната седница на Парламентот во мандатниот период од 1990-1994 година.

Стојановски истакна дека пратениците од првиот состав на Парламентот ја исполнувале волјата на граѓаните кои ги бирале.

-Нашата генерација во исто време ги претствуваше и начелата од ослободителната војна и од одлуките на АСНОМ. Врз темелите на таа борба за слобода и самостојост природно продолжи патот до независност, рече Стојановски.

Посочи дека бил многу среќен што ја водел таа седница и оти кај нив не постоел страв дека одлуката за независност ќе предизвика војна.

Триесет години подоцна, вели тој, смета дека осамостојувањето на државата била најправилна одлука. -Влезот во НАТО е позитивен чекор напред, а се надевам и дека ЕУ ќе ни ги отвори вратите, рече Стојановски.

На доделувањето на Орденот „8 Септември“ присуствуваа премиерот Зоран Заев и членови на Владата и на Парламентот.

Поврзани новости