Андоновски: Ја критикував владата на Груевски и трпев подземни удари за тоа!

by fokus

Писателот Венко Андоновски од неодамна е нов советник на премиерот Зоран Заев. Тој е ангажиран за проектот „Осмислување на  структурата и функцијата, изготвување и испитување конкретни можности на терен за отворање на државен Македонски центар за култура во Србија“.

Тој во интервју за „Фокус“ објасни како дошло до оваа соработка и на што точно ќе биде ангажиран како советник на Заев.

„До соработката меѓу мене и Владата на Република Северна Македонија дојде исклучиво по моја иницијатива. Отсекогаш и пред претходните влади сум доставувал идеи и иницијативи за подобрување на статусот на македонската култура. Така, без оглед на „левата“ или „десната“ ориентација на владата, сум давал свој професионален прилог за сочувување на македонскиот јазик и литература. На пример, работев како редактор на проектот „500 томови светска книжевност на македонски јазик“. Редакцијата на тој проект се сеќава дека на тогашниот премиер му советував да бидат само 100 до 200. Сега предложив две лични авторски идеи за два проекта. Еден од нив ѝ беше предложен и на претходната влада, која немаше интерес за тоа. На мое изненадување, оваа влада покажа интерес за нив“, го започна разговорот Андоновски.

Како што истакна Андоновски, сите македонски уметници и љубители на уметноста ќе имаат полза од проектите на кои тој ќе работи.

„Работам на два меѓународни културни проекти (едниот од културно-промотивен, а другиот од кулурно-комуниколошки карактер), за кои изготвив темелни елаборати. Не можам да откријам детали, зашто прво, станува збор за лични авторски идеи со заштитени авторски права, второ – само што доставив елаборати и трето, бидејќи како нивен евентуален реализатор не се јавувам јас, туку Владата – може да се случи и да не се реализираат. Затоа, ќе треба да се почекаат првите резултати. Во секој случај, сите македонски уметници и љубители на уметноста ќе имаат полза од тоа, ако се остварат зацртаните цели во елаборатите“, изјави писателот.

Андоновски порача дека за него е најважно да се остварат двата проекта и како што додаде, тие се од интерес за македонската култура.

„Се разбира дека не сум „најкадарниот“ за советник за култура во оваа држава. Но, внимавајте: јас лично предложив две авторски (мои!), патентирани идеи за два проекта пред Владата (како што сум правел и порано). Освен тоа, не сум „советник за култура“, туку „надворешен советник од областа на културата“, со времено ангажирање (до Нова Година), и тоа само за тие два проекта. И уште нешто: се појавија шпекулации дека, покрај платата, земам баснословен хонорар за тоа место. Таа сума е 40.000 денари. Но, јавноста треба да знае, дека откако ја примам таа сума како хонорар (без платено здравствено и пензиско осигирување), јас, по сопствено барање за неплатено отсуство, не примам плата од мојот Филолошки факултет, каде инаку сум редовно вработен. Ако овој податок се објавеше, јавноста немаше да ме обвини дека сум виновен за невработеноста на културните кадри во Македонија и немаше да смета дека „држам две места“. Вистината е дека средствата од мојата плата се враќаат во буџетот на државата и дека со нив може да се вработи некој (времено, додека не се вратам и јас на своето работно место). Мене ми е единствено важно во овој случај да ми се остварат двата проекта. Од интерес за македонската култура, не од личен интерес“, смета тој.

Андоновски долги години е колумнист во „Нова Македонија“, а кај јавноста честопати беше критикуван дека има само пофални зборови за претходната владејачка гарнитура. Сепак, тој вели дека тие што внимателно го читале, можеле да забележат дека го критикувал она што не чини, но, како што вели, фалел и кога нешто било за фалење.

„Не сум молчел за претходната влада. Јас сум колумнист веќе 30 години и оние што внимателно ме читаат, знаат дека кон секоја власт сум се однесувал критички: сум го критикувал она што не чини, но за моја лична несреќа, и сум го пофалувал она што е од полза за Македонија. Јас имав многу колумни против одредени одлуки на претходната Влада, дури трпев и полемички, но и подземни удари поради тоа. Бев жестоко против лустрацијата, па некои новинари и видни политичари во тоа мое противење гледаа страв дека ќе се открие дека и јас сум кодошел. Бев против спомениците и антиквизацијата, за што постои дури и видео запис (ТВ интервју), но затоа бев „за“ проктот „500 томови на светската книжевност“ на македонски јазик. За жал, ние сме таква средина – ако само еднаш го пофалиш она што претходно си го критикувал, се смета дека го поддржуваш тоа што „наводно“ го критикуваш. Тоа е генерализација: ако сум ја пофалил тогашната министерка за култура дека конечно се сетила да однесе две театарски претстави во странство, се извлекува заклучок дека ги поддржувам сите активности на Министерството и ја поддржувам Владата.

Имам доволно и години и искуство за да знам дека со ништо не можете да го смените мислењето на луѓето за вас, доколку тие самите не го променат. На крајот на краиштата, оној кој во некого гледа некаков квалитет или аномалија, може да го види само она што во себе го има и како квалитет и како аномалија, но не може да види повеќе одошто има во себе. Што се однесува пак до тоа дека доаѓам како советник на оваа влада „од опозицијата“, и тоа не е точно. Не сум бил член на ВМРО ДПМНЕ никогаш. Ви изгледа дека сум се свртел за 360 степени во идеолошка смисла, особено затоа што бев декларативно против промената на името на државата. Но, јас не сум погазил никакви мои принципи и ставови. И натаму стојам на ставот дека Македонија плати преголема цена за прием во НАТО и ЕУ со промена на името. Но, исто така, не мислам дека на пример, најдобрите наши фудбалери треба да престанат да играат фудбал за репрезентацијата, поради тоа што државата добила додавка во името. Токму тоа би било дисконтинуитет на идентитетот, негова смрт.

Јас минатиот месец платив данок на имот на име РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. Ако не платев, ќе одев во затвор. Значи, ми се допаѓало мене тоа или не, јас сум граѓанин на сегашна Република Северна Македонија. Не заборавајте дека за мојот роман „Вештица“, објавен на француски јазик, во добата на Република Македонија, Милан Кундера напиша дека тоа е „голем европски роман“ од македонски писател. Дали таа констатиција веќе не важи за мене, откако државата го смени името? Ако важи, не гледам зошто не би продолжил и натаму да работам за македонската култура. Државите и владите се менуваат и преименуваат, но културниот идентитет останува и бара заштита“, го заврши разговорот Андоновски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости