Агенцијата за национална безбедност (АНБ) ги презема неопходните мерки и оперативни активности за организирано и безбедно прифаќање цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици, вели, во интервју за МИА, директорот на Агенцијата Виктор Димовски.
Според него, целта на пласирањето лажни вести и дезинформации, кои внесуваат страв и паника кај граѓаните, е да разгорат национализам и да се предизвика дестабилизација. Сепак, вели тој, ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваниот одѕив, што зборува за зрелоста на нашите граѓани и нивната емпатија и солидарност.
-По одлуката на Владата, Агенцијата ги презеде неопходните мерки и оперативни активности за прифаќање и времено сместување цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување можни закани и ризици. Во овој контекст, изработена е соодветна безбедносна проценка, согласно која се реализира засилен безбедносен увид и контрола на прифатните пунктови, правците на транспорт и сместување. Најважно е дека граѓаните се безбедни и немаат причини за загриженост. Засилените безбедносни мерки и интензивната комуникација со партнерските безбедносни сервиси ќе бидат континуирани, за цело време на нивниот престој, а во функција за ефикасна заштита на националната безбедност, како и личната сигурност на авганистанските државјани. Мора да напоменам дека соработката досега е највисоко професионално ниво и посветеноста од сите засегнати страни е за пофалба, вели Димовски.
Во однос на ширењето лажни вести во врска со прифаќањето на граѓаните од Авганистан, Димовски вели дека, не отфрлајќи ја политичката и безбедносната димензија, одлуката на Владата за времено сместување на бегалците е пред се од хуманитарни причини.
-Се работи за лица кои во најголем број се новинари, претставници на граѓански и мировни организации и други општествени групи кои активно работеле на создавање демократско општество во нивната држава во изминатите години. Сепак, и покрај транспарентноста и целосната отвореност сведоци сме на обиди за пласирање на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да внесат страв и паника кај граѓаните, да поттикнат ксенофобија и да разгорат национализам, со нескриен мотив да ја поткопаат довербата во институциите на системот. И покрај ваквите обиди, се покажа дека ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваната реакција што зборува зрелоста на нашите граѓани и нивната во повеќе наврати демонстрирана емпатија и подготвеност за солидарност и помош на луѓето во неволја, вели Димовски.