Анализа: Заев и четири министри користат фејсбук, осум министри користат твитер, а 10 се активни на Инстаграм

by Fokus

Од 20 од 26 министри во Владата на Република Македонија активно користат Фејсбук, покажа првата Анализа направена во периодот од 03 до 07 Јуни 2017 година.

Поголемиот дел од членовите на владиниот кабинет секојдневно објавуваат содржини за своите активности на Facebook и имаат отворени профили или страни на кои можат граѓаните да им пишат јавно или, пак, во приватна порака. Третина од министрите имаат истовремено и свој профил и страна на овој социјален медиум.

Премиерот Зоран Заев и уште 4 министри имаат верификувани страни – потврда од Фејсбук дека таа страна е на автентична личност.

Твитер користат 8 министри, а вкупно 10 се активни и на Инстаграм. Премиерот Заев и 6 други министри се активни и имаат свои профили/страни истовремено на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

ОСНОВНИ ПРЕПОРАКИ: Сите министри е потребно да имаат своја Facebook страна со цел директна, непосредна и двонасочна комуникација со јавноста која ја нудат единствено социјалните медиуми. Објавите, коментарите и одговорите на прашањата не е потребно директно да ги врши министерот, туку тоа го прави специјализиран тим, по претходна добиена согласност за секој пост во име на министерот/ката.

Препорачливо е секој министер/ка да биде присутен на социјалните медиуми кои ги користат граѓаните на Република Македонија, а не само на најпопуларниот – Фејсбук. На тој начин се искажува почит кон различните онлајн заедници, а истовремено им се дава шанса да се вклучат во процесот на креирање на политики преку граѓанско учество и демократија.

Формирањето на тим за комуникација со јавноста преку социјалните медиуми е клучно и треба да се направи како еден од приоритетите во функционирањето на кабинетот на секој министер/ка поединечно. Овој онлајн тим ќе се грижи единствено за ажурирањето на содржините кои се објавуваат, вклучувањето на граѓаните преку социјалните медиуми во работата на министерот/ката, како и водењето грижа за брзо и квалитетно одговарање на поставените прашања, коментари и сугестии.

Динамиката на објави е потребно да биде секојдневна и тоа со најмалку 2-3 објави дневно на сите социјални медиуми. Јавноста која е активна онлајн е потребно да има можност да биде запознаена со активностите на министерот/ката, како и да има можност да даде свој став, мислење или пак, да изрази поддршка и даде свој предлог.

На веб страната на Владата, како и на веб страните на секое министерство на видливо место да биде ставен дел со контакти од нивните страни/канали на социјалните медиуми и јасно да ги означат како официјални. На овој начин граѓаните ќе можат директно да се обратат до секој министер/ка, дадат своја иницијатива, постават прашање на кое ќе добијат одговор, а министрите и Владата дополнително да ја покаже својата заложба за отчетност и транспарентност.

Поврзани новости