Музичарот Горан Јосифовски е загинатиот битолчанец во сообраќајната несреќа

by Fokus

Горан Јосифовски, познат музичар од Битола, и своевремено тапанар во групата ,,Екстра Бенд” утринава загина во сообраќајна несреќа.

Триесетишест годишниот битолчанец излетал од патот со возилото, додека одел на работа, односно разнесувал прехранбени продукти во маркети. Од СВР Битола ја потврдија веста.

-На 17.02.2021 околу 05.25 часот во СВР Битола било пријавено дека на магистралниот пат Битола – Прилеп, патничко возило „комбе“, со битолски регистарски ознаки, управувано од Г.Ј.(36) од Битола, излетало од патот. Од здобиените повреди возачот починал на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а во координација со Јавен обвинител телото е предадено на обдукција. Извршен е увид на местото на незгодата од увидна екипа на СВР Битола-информираат од таму.

Горан зад себе ја остави сопругата и малолетни син и ќерка. Беше добар соработник со речиси целата естрада и честа музичка придружба на многу познати пејачи за време на нивните настапи. Неговиот близок пријател, фолк пејачот Марјан Коцев во телефонски разговор за ,,Фокус” вели дека е скршен од веста.

-Огромна загуба за семејството, но и за цела естрада. Се подготвувам да тргнам во Битола, постојано само лоши вести слушаме изминатиот период. Одејќи на работа загинал, премногу е тешко сето ова – низ солзи раскажа Коцев.

Околу тоа колку беа блиски, зборува и настанот кој што се случи во 2014 година за време на јубилејниот 20-ти концерт на Марјан, кој се одржа во Универзална сала.

Тогаш, среде концерт, Горан пред камерите ја запроси својата долгогодишна девојка, а веста ја пренесоа голем број на медиуми. Естрадата денес се простува со него на социјалните мрежи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости