Поради врнежите од снег воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец Маврово – Дебар, a од 15.45 часот е воведена и забрана за тешки товарни возила и на планинскиот превој Пресека, соопштуваат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).
Оттаму информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, а во западниот дел од државата, наместа има остатоци од снег, по интервенција на екипите на „Македонија пат“.
Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата (оваа информација се однесува само за македонската страна на премините), велат од АМСМ.