Американскиот секретар Помпео денеска во Охрид ќе се сретне со Заев и Пендаровски

by fokus

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска пристигнува во Охрид каде што ќе има средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Помпео ќе пристигне на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ по што е предвидено да оствари одделни средби со претседателот Пендаровски и со премиерот Заев.

На средбите во Охрид, како што информираа за МИА од Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа и затоа државниот секретар Помпео ја комбинира повеќедневната официјална посета на регионот „за реафирмација на сојузништвото со 29-та (Црна Гора) и 30-та (Северна Македонија) членка на НАТО“.

Од Стејт департментот за МИА изјавија дека разговорите ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.

Според протоколот, предвидено е секретарот Помпео да ја посети и црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД, односно од американските даночни обврзници.

Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.

Поврзани новости