Американскиот министер за одбрана бил хоспитализиран поради рак, Бајден не бил информиран

by Fokus

Американскиот претседател Џозеф Бајден до денес не знаел дека неговиот секретар за одбрана Лојд Остин има рак на простата.

Ова го соопшти Белата куќа, неколку минути откако беше обелоденето во јавноста.

„Бајден не беше информиран до минатиот четврток дека секретарот Остин е во болница. Тој не беше информиран до утринава дека основната причина за таа хоспитализација е рак на простата. Никој во Белата куќа не знаеше дека Остин има рак на простата до утринава, а претседателот беше информиран веднаш“ изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Остин, кој има 70 години, е хоспитализиран од 1 јануари во Националниот воено медицински центар Волтер Рид, факт што Пентагон го чуваше од јавноста, Белата куќа и Конгресот во поголемиот дел од минатата недела, што предизвика голема политичка реакција.

Заменичката на Остин, Кетлин Хикс, исто така не беше запознаена со оваа информација.

Остин и Бајден разговараа во саботата и беше нејасно зошто Бајден не дознал за болеста на Остин до вторник.

Остин беше префрлен во болница со брза помош на 1 јануари откако претрпе компликации од медицинската интервенција на 22 декември, вклучувајќи гадење со силни болки во стомакот, колковите и нозете.

Откако му беше дијагностицирана инфекција на уринарниот тракт, Остин беше префрлен на одделот за интензивна нега на 2 јануари.

Лекарите во болницата Волтер Рид дадоа оптимистичка прогноза за Остин, но предупредија дека неговото закрепнување може да потрае.

Пентагон соопшти дека секретарот за одбрана не планира да поднесе оставка, а Белата куќа соопшти дека Бајден не сака да го замени.

Поврзани новости