Американски борбени авиони Ф-35 прв пат слетаа во Скопје

by fokus

На аеродромот во Петровец првпат во нашата држава денеска слетаа борбените авиони од типот Ф-35, кои се дел од 134-тиот борбен сквадрон на Националната гарда на Вермонт. Пред слетувањето, борбените авиони извршија прелет над аеродромот во Петровец, како и над главниот град Скопје.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска информираше дека овие авиони ја претставуваат најнапредната технологија што денеска постои, а, како што рече, нивното слетување денеска е уште еден доказ за нераскинливата врска која постои меѓу нас и сојузниците во НАТО Алијансата.

Таа потенцираше дека аеродромите во Северна Македонија можат да обезбедат поддршка за авионот од типот Ф-35 за извршување на различни мисии и за безбедноста на воздушниот простор на НАТО.

Потполковникот Џон Мекрeј од Националната гарда на Вермонт изјави дека долготрајните партнерски односи претставуваат темел кој ја гарантира нашата колективна безбедност.

-Токму поради членството на Северна Македонија во НАТО, како сојузник можеме да ја споделиме безбедноста која произлегува од мисите за патролирање на воздушниот простор и брзо распоредување на напредни способности на платформата Ф-35. Северна Македонија оебзбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром Петровец и полигонот за обука Криволак, кои ни се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност, додаде Мекреј.

Тој напомена дека воздухопловните сили на НАТО имаат шанси да тренираат заедно со нашиот воздухопловен винг и Армијата, за да ја гарантираат нашата сегашна и идна безбедност, на Балканскиот регион и на Европа како целина.

Во чест на долготрајните партнерски односи на нашата држава со САД, министерката Петровска на потполковникот Мекреј му подари македонско знаме.

Поврзани новости