Ги повикуваме властите да ги исполнат највисоките стандарди на владеењето на правото, транспарентноста, праведноста, заштитата на слободата на говор и независноста на судството како што се движат напред овие случаи, апелираат денеска од амбасадата на САД.
-Соединетите Американски Држави цеосно го поддржуваат Кабинетот на Специјалната обвинителка и нејзината улога во истражувањето и гонењето на криминалните дејствија кои произлегуваат од содржините од нелегално прислушкуваните разговори. Нејзиното назначување е суштински елемент од Договорот од Пржино и беше одобрено од сите четири политички партии, се вели во соопштението од американската амбасада.
Амбасадата упати повик до сите страни да дозволат Кабинетот на специјалната обвинителка да ги изврши своите должности, независно и слободно без никаква форма на политички притисок. Потсети дека сите обвинети имаат право на целосна заштита од законот и ги повика сите граѓани да дозволат фактите да произлезат низ судски процес.