„Балансирана“ естрадизација на јавниот дискурс?

by Фокус 20:59
20:59

Пишува: Кирил Ефремовски

Пред крајот на минатата година еден ценет пријател ми рече оти крајно време е да започне нормализација на јавниот дискурс во медиумите. Се разбира дека треба, му одговорив, иако планот како таа нормализација на дискурсот треба да се реализира во практика воопшто не ме воодушеви ниту пак ми се допадна. Нецели два месеци по таа дискусија, сведочиме дека таквиот план започна.

- Advertising -

Досегашните четири настапи на првите челници на опозицијата на најгледаните про-владини медиуми, кај првите перјаници на владеачката пропаганда го отпочнаа тој процес. Првиот чекор во директно претставување на опозицијата после години молк и пропаганда е направен, а вкупната јавност уште долго ќе се занимава колку едниот бил подобар од другиот, кој повеќе викал и бил голем фајтер небаре биле во некаква гладијаторска арена, а не во телевизиско студио во формат кој се нарекува интервју.

Не навлегувајќи во тоа колку четирите настапи на опозиционерите беа добри или лоши, колку добија или изгубија во тие гостувања, и чуму сето тоа, неминовно мора да се констатира дека публицитетот кој го добија опозиционерите во само десетина дена е далеку поголем од оној кој го имаа претходно, дури и тогаш кога политичката криза го имаше својот пик преку презентирањето на таканаречните бомби со прислушуваните разговори.

ОД НЕКАДЕ МОРА ДА СЕ ПОЧНЕ

И покрај тоа што ваквиот план за првично нормализирање на јавниот дискурс по многу нешта е недоволен и недиректно ги решава проблемите кои и понатаму остануваат, ниту пак суштински ќе овозможи подобрување на состојбата во медиумите и постигнување на толку трубеното правило за баланс во медиумите, сепак претставува сериозен исчекор напред во таквите намери и заложби. А секогаш од некаде мора да се почне.

Години наназад над четиристотни илјади граѓани не успеале да ги видат и слушнат пораките на лидерот на опозицијата на една национална телевизијата. Не знам како и преку кои индикатори се мери и определува колку тоа „проценти баланс“ треба да се има во известувањето и реализирањето дебати или интервјува, бидејќи во демократиите кон кои се стремиме оваа дебата одамна е апсолвирана, а тамошните медиуми се стремат кон прикажување на сите страни и политички актери, критички однос кон процесите и политичарите и конечно, професионално информирање на јавноста, но идеата за конечно директно прикажување и на „другата страна“ не е штетна на долг рок иако има бројни „оперативно-технички“ недостатоци.

Сега, по осум годишната изолација од највлијателните национални телевизии кога „мразот“ барем формално е скршен од едната страна, останува да видиме како планот за нормален јавен дискурс ќе продолжи да се реализира во целост и уште поважно, каков ефект ќе има. Кога веќе цела меѓународна заедница почна толку гласно и јавно да говори за „баланс“ во јавното прикажување на сите политички актери, тогаш истите тие од меѓународната треба да ги натераат и оние другите, кои десет години се власт и управуваат со оваа земја, да се појават барем на една телевизија и пред новинар со кого претходно не ги договориле прашањата и во услови кога одговорите на прашањата нема да се читаат од студискиот „идиот“.

Бидејќи започнавте со нормализирањето (какво и да е), неминовно е дека во следниот период Никола Груевски треба да го натерате да се појави на фреквенција која има критички однос кон неговата позиција и работа. Демократскиот амбиент со ништо значително нема да се подобри доколку повторно издејствувате Заев, Шекеринска или некој трет, повторно се појават на Сител, Канал 5 или Алфа, а притоа за никој од началниците не можете да излобирате да се појави кај некој од критичките новинари кон власта, макар биле и некои како Попетрески или Трајковска.

Без присуство и соочување со професионални новинари на критички телевизии на оние кои десет години трошат по 3 милинони евра народни пари и се главната причина зошто Македонија стои во место цела деценија додека ние остаревме чекајќи да станеме европејци, ниту состојбата со медиумите ќе почне сериозно да се враќа во нормала, ниту јавниот дискурс ќе се нормализира. Пропагандните медиуми преку ноќ нема да се испрофесионализираат, а демократскиот амбиент и понатаму ќе биде во регрес.

КОЈ ГО ИЗВРШИ ГЛАВНИОТ ЗЛОСТОР

Промените кои демократската јавност ги очекува и бара не може да се случат доколку се остане само на сегашните први обиди, со кои помеѓу останатото се направи и таканаречена нова ТВ естрадизација на почитичката криза. Начинот на кој беа третирани челниците на опозицијата на водечките провладините медиуми од страна на првите владини пропагандисти, само дополнително им дадоа издржани агрументи плус на олеснувачите и фасилитаторите на политичката криза од Брисел и САД во нивните заложби за сериозни и драстични промени во медиумската сфера и нова регулатива која нема да биде препишана од никој и никаде, туку ќе биде овдешна и онкава каква доликува за оваа држава.

Тој започнат процес на нормализација на јавниот дискурс не треба и не смее да продолжи само со „ријалитизација“ на демократскиот амбиент и политичката криза какво што првично и барем до сега видовиме. Таквото по многу нешта естрадното галопирање само на едната страна додека јавноста скандира, урла или е длабоко шокирана и згрозена, не и носи ништо добро на идинината на Македонија и на вкупните демократски и развојни процеси. Напротив, тоа го дефокусира граѓанинот и неговиот примарен фокус кој треба и понатаму да биде: како се спроведуваат законите, каде се парите и кој и кога ќе одговора по основ на сите индиции за крминали и злоупотреби.

Прашањата: кој го изврши главниот злостор, ја предизвика кризата и првично го ненормализираше јавниот дискурс, не смее да се изостават од натамошната перцепција на граѓаните. Меѓунадорната, или кој и да е оној што опертативно го спроведува тој план за враќање на нормалниот јавен дискурс, во никој случај не треба натамошниот фокус да го држи само врз Бихачка, туку и врз оние што сега седат во новата палата на ВМРО или на Илинденска 2.

После 10 години, крајно време е оној кој е најголем виновник за ваквата состојба во медиумите и јавноста, конечно да се натера да почне да се појавува на ненаместени интервјуа или дебати, доколку оние што почнаа со ваквиот план навистина имаат сериозна стратегија и искрен план јавниот дискурс после долго време повторно да го вратат во нормала.

Поврзани новости