Амди Бајрам: Во овие моменти не треба многу да пливаш, оти може да се удавиш!

by Fokus

Претседателот на Сојузот на Ромите и пратеник Амди Бајрам, веќе неколку месеци наназад не е актуелен во јавноста. Откако влезе во трката за претседател, и набргу потоа на почетокот на март најави дека се повлекува од истата, тој ги проретчи јавните настапи. На политичарот кој во минатото знаеше редовно да истапи во јавност со интересни изјави, денес ретко може да му се слушне гласот.

За ,,Фокус” вели дека сфатил како е подобро повеќе да молчи, отколку постојано да биде актуелен со некоја тема, па затоа започнал да живее повлечено.

-Си работам јас како и секогаш, но решив повеќе да не коментирам премногу на сите теми поврзани со актуелните случувања. Тоа не значи дека немам свое мислење за сето она со кое што сега се соочуваме. Напротив, си имам свое мислење, но не би го споделил со јавноста. И за аферата ,,Рекет” имам свое мислење, но нема што да го кажувам јавно. И за се друго, увидов дека е подобро кога мудро си молчам.

Еве, сега одам на седница, функционирам како што треба, професионално. Но, ова се едни такви времиња, кога важи паролата:

– Во овие времиња не треба многу да пливаш, оти може да се удавиш. И подобро ми е вака, малку повлечено кога си живеам и работам – ни изјави Бајрам. Покрај тоа што е активен на политичко поле уште од далечната 1994 година, кога за прв пат стана пратеник во Собранието, тој веќе 40 години е организатор на Ромскиот бал, кој секоја година се одржува во Скопје во присуство на гости од целиот свет. Годинава тој го преименуваше балот, и од Ромски стана Европски Ромски бал.

Поврзани новости