Амбасадорите на ЕУ со порака до учесниците на изборите: Избегнувајте потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација

by Fokus

Шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје и амбасадорите на земјите членки на Унијата денеска, во заедничка изјава, го поздравија договорот меѓу партиите за изборниот датум изразувајќи надеж дека граѓаните ќе го остварат правото на глас и притоа ја поздравија посредничката улога на шефот на државата.

ЕУ-дипломатите, исто така, посочуваат дека земјава наскоро ќе ги почне преговорите за полноправно членство, за што, како што се наведува, е многу битно враќањето на парламентот во функција.

Во изјавата е поздравено и воведувањето на здравствените протоколи за да се овозможи завршување на изборите и се искажува задоволство поради тоа што изборниот процес ќе биде под мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР.

Амбасадорите апелираат и кампањата да биде во согласност со законите и мерките за заштита од ковид-19, а медиумите се охрабруваат да известуваат професионално и совесно за изборниот процес.

Заедничката изјава на амбасадорите на ЕУ во земјава ја пренесуваме во целост:

1. Го поздравуваме договорот за датум за избори постигнат помеѓу политичките партии. Ја признаваме улогата на претседателот на земјата во олеснувањето на дијалогот меѓу партиите овозможувајќи и на земјата да го продолжи изборниот процес врз основа на консензус и да спроведе слободни, фер и кредибилни избори.

2. Убедени сме дека граѓаните на Република Северна Македонија ќе ја покажат својата посветеност на парламентарната демократија, остварувајќи го своето право на глас за насоката и приоритетите на земјата.

3. Бидејќи Република Северна Македонија наскоро ќе ги отпочне пристапните преговори со Европската унија, враќањето на целосното функционирање на Собранието ќе и биде од корист на земјата и ќе ѝ овозможи да продолжи да ги спроведува клучните реформи, како и да се подготви за преговори.

4. Како Европејци, сите заедно се соочуваме со последиците од кризата со ковид-9. Кризата не е завршена и почитувањето на сите мерки на претпазливост е сè уште од голема важност за сите нас. Го поздравуваме воведувањето протоколи и процедури кои им овозможуваат на граѓаните да ги остварат своите демократски права, истовремено осигурувајќи дека нивното здравје и безбедност се заштитени и ги охрабруваме оние што се одговорни за нивното спроведување, да ја добијат потребната обука и поддршка.

5. Државната изборна комисија во овој момент има посебни должности, кои мора да се извршуваат на независен и професионален начин во интерес на земјата и со поддршка од други државни институции. Во интерес на воспоставување меѓународно признавање на слободни и фер избори, ја поздравуваме одлуката на ОБСЕ/ОДИХР да ги оцени изборите.

6. Очекуваме сите политички партии да водат кампања во рамките на законот, со почитување на сите мерки на претпазливост од ковид-19 Изборниот процес е можност политичките актери, од сите страни, да ја потврдат и јасно да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото и почитувањето на највисоките европски стандарди, вклучително и со избегнување на потпалувачки говор, лажни вести и дискриминација.

7. Ја признаваме важноста на слободни и независни медиуми за демократијата и ги охрабруваме да ја извршуваат својата важна улога, особено за време на изборите, професионално и совесно, обезбедувајќи им на граѓаните веродостојни информации за нивните одлуки во гласачката кутија.

Поврзани новости