Меѓународната заедница смета дека има уште многу нерешени прашања за обезбедување услови за фер и демократски избори. Амбасадорите потенцираат дека остануваат проблемите со Избирачкиот список, одлуката на Иванов за аболиција, слободата на медиумите и владеењето на правото.
– Целта на Договорот од Пржино беше да се организираат веродостојни избори за да се стави крај на кризата. За жал, ние не ја гледаме разврската во моментов и прашањето е како овие избори можат да се сметаат за веродостојни” – потенцираше денеска евроамбасадорот Аиво Орав.
Со ист став е и британскиот амбасадор, Чарлс Гарет кој порача дека Македонија итно треба да излезе од овој ќор-сокак, а како едно од најважните прашања што го потенцираше е аболицијата на претседателот.
И амбасадорот на Кралството Холандија во Република Макеонија, Вилем Воутер Пломп, на политичките лидери им порача дека мора да вложат напори и да ја вратат земјата на евроатланскиот пат.
-Партиите треба да најдат начин да ја отповикаат одлуката за аболиција, која навистина е надвор од принципот на владеење на правото. Исто така, забележавме дека само една од партиите потписнички на Договорот од Пржино ќе учествува на изборите, што тешко дека може да биде оценето како инклузивно – рече холандскиот амбасадор, според кој, тешко дека ова води кон веродостојни избори.
Порака стигна и од Амбасадата на САД, од каде велат дека ако има избори на 5-ти јуни нема да бидат решение за кризата, туку само ќе ја загрозат евро-атлантската интеграција на земјата.
Соединетите Американски Држави ги повикуваат партиите повторно да го свикаат Собранието, да ги откажат изборите и да ги поништат помилувањата.