Македонска докторка од Сејшели: Тука го победивме вирусот, ќе го победи и Македонија!

by Fokus

Сејшелските острови речиси четири седмици немаат нов случај на опасниот корона вирус, нешто на што се израдува Александра Маџароска Елисон.

Оваа скопјанка веќе три години живее на ова неверојатно место и работи како виш лекар на островот Пралсин. Таа во интервју за „Фокус“ раскажа за корона вирусот на Сејшелите.

Корона вирусот не ги поштеди ни Сејшелските острови. Тој почна да се шири кон средината на март кога беа регистрирани првите два случаи кои допатуваа од Италија. За среќа, тие веднаш беа изолирани, без да им се дозволи контакт со никого од општеството. После тоа, бројот на случаи почна да се зголемува за да достигне максимални 11 заболени. Еден од нив беше критичен, но, за среќа болеста ја преброди без последици. Немавме смртни случаи, а сите останати кои беа заболени се излечени и пуштени дома после неколку потврдени негативни тестови. Сега може да кажеме дека сме Corona free country“, раскажува таа.

Рестриктивни биле мерките и во оваа земја, а Маџароска го пофали населението кое совршено соработувало за борба против вирусот.

Како и насекаде во светот, така и кај нас имаше строги мерки. Бевме во постојано изучување и примена на се што беше советувано и кажано. Вршевме тестирања на секој сомнителен случај без исклучоци. Најважно беше тие препораки да се почитуваат. Можам да кажам дека Селшелците добро соработуваа во тој поглед“, вели Маџароска.

Првиот случај на корона вирус во Северна Македонија се појави на крајот на месец февруари, а оваа докторка, која е по потекло од Скопје, не била изненадена што вирусот дошол и во нашата земја.

Ќе беше вистинско чудо ако Македонија беше поштедена од оваа пандемија. Верувам дека Министерството за здравство на чело со министерот Венко Филипче направија и прават се што е во нивна моќ. Но, совеста на граѓаните е од клучна важност за ширење и искоренување на вирусот. Ние на Сејшели го победивме вирусот, ќе победи и Македонија“, додава таа.

На Сејшелските острови, Маџароска е единствениот лекар од Македонија, а друштво и прават неколку доктори од соседна Србија.

Што се однесува до животниот стандард на ова прекрасно место, таа ќе каже:

Животот на Сејшели е еден од најскапите во светот. Храната, сместувањето, условите за живот, транспортот, горивото – се е поприлично скапо во споредба со другите земји. Во однос на платите не би говорела, тоа е индивидуално и приватно, но, ќе кажам дека е доволно за пристоен живот“, раскажува нашата докторка.

Во однос на слободното време, Маџароска вели дека најмногу ужива на плажите, природата, максимално користејќи го целогодишното сонце во оваа земја.

И покрај секојдневните обврски, родителскиот живот, таа наоѓа време и за да го одржи телото во совршена форма.

Фитнесот за мене е дел од секојдневниот живот. Поголемиот дел од денот, времето го посветувам на пациентите, семејството, а времето во теретана е посветено само за мене. Најважно е да се одржува баланс во животот и да се има добра организација на обврските. Совршена фигура се постигнува со дисциплина во однос на правила и добро однапред испланирана исхрана, квалитетен и добро балансиран тренинг, редовен одмор и желба сето тоа да се вклопи во животниот стил“, раскажува Маџароска.

Таа е една од нашите најуспешни спортисти во областа на фитнесот и боди фитнесот. Има учествувано на многу натпревари кај нас и во странство и се има вратено со големи успеси.

Меѓу нив се 3-то место на балканскиот натпревар во боди фитнес во 2009 година, второ место на Балканскиот куп во 2010 година, трето место на Светски куп во Словенија 2010 година, државен првак во 2008, 2009, 2010 и 2011 година, како и прогласен најуспешен женски спортист во Северна Македонија за 2010 и 2011 година.

Маџароска веќе седум години е надвор од нашиот континент – три години живеела на Маврициус, една година на Малдивите и веќе трета година живее на Сејшелските острови. Во разговорот вели дека и недостасува нашата земја.

Се трудам да доаѓам барем еднаш годишно на неколку седмици, кога работата ми дозволува. Од Македонија ми недостасуваат пријателите, социјалните дружби, излегувањата. Најмногу ми недостасува семејството“, посочи таа.

Во однос на тамошните жители на Сејшели, таа вели дека воопшто не дискутираат за политички и општествени проблеми и се посветени на својот живот.

Сејшелците се опуштен народ. Островски стил, политиката не е актуелна како што е во Македонија и не игра голема улога кај населението. Тие се посветени на својот бизнис, својот живот. Ладно пиво во рака, дружби на плажа преку викендите и секогаш се гостопримливи за туристите“, го заврши разговорот Маџароска.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости